Кузеска, исто така, рече дека истата оваа фирмата на Мартин Клинчаров била дел од изведувачите на проектот „Скопје 2014“, за поставување мермер и изведба на мостот „Гоце Делчев“

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска, објавувајќи договори што биле склучени меѓу Министерството за дигитална трансформација и фирма од Скопје, обвинуваат за скандал во оваа државна институција во кој, како што рекоа оттаму, има конфликт на интерес.
Денешниот скандал, како што рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, е пример за директен конфликт на интерес, непотизам и основано сомнение за корупција во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски.
„Во министерството на Андоновски, каде што втор човек е државниот секретар Гордана Клинчарова, тендери добивала фирма на нејзиниот сопруг, Мартин Клинчаров“,
рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Кузеска покажа два договори за кои рече дека се склучени помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Друштвото за производство, трговија, промет и услуги „Матео дизајн“ од Скопје застапувано од управителот Мартин Клинчаров – сопруг на Гордана Клинчарова.
„Првиот договор за набавка на конференциска и презентациска опрема во вредност од 2 400 000 денари или околу 40 000 евра. И вториот договор, за набавка на ИТ-опрема во вредност од 529 000 денари. Само од овие два тендери, преку министерството на Андоновски, околу 50 000 евра завршиле кај фирмата на сопругот на Клинчарова, која е државен секретар во истото министерство“,
додаде Кузеска.










Според неа, ова е еклатантен пример за конфликт на интерес и непотизам од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но и сериозен сомнеж за корупција.
Кузеска, велејќи дека на договорите како потписник стои името и презимето на министерот Стефан Андоновски, упати прашање „Каква е неговата улога во овој скандал и дали бил и тој соучесник?“
Таа додаде: „Со овој скандал се потврдува нашето тврдење дека ДПМНЕ ги испумпува парите на граѓаните преку мрежа на фирми и тендери“.
Кузеска, исто така, рече дека истата оваа фирмата на Мартин Клинчаров била дел од изведувачите на проектот „Скопје 2014“, за поставување на мермер и изведба на мостот „Гоце Делчев“.
„Близината на кадрите на ДПМНЕ и ’Матео дизајн’ оди дотаму што фирмата се јавува и како донатор во Општина Аеродром, во период кога градоначалник е Тимчо Муцунски. И повторно, истиот Тимчо ја поставил Гордана Клинчарова за раководител на секторот финансии за време на неговиот мандат. Традиционално, секаде каде што Гордана Клинчарова е поставена од ДПМНЕ на одредена позиција, нејзиниот сопруг развива тесна институционална соработка“,
додаде Кузеска.
Таа побара Државната комисија за спречување на корупција да отвори предмет и да постапи за овој скандал и рече оти во негово расчистување треба да се вклучат сите надлежни институции.
„Шемата е стравотна и ќе биде целосно презентирана во јавноста со сите докази за лица кои се директно поврзани со ДПМНЕ и со компаниите што земале милионски тендери“,
рече Кузеска.