„Ако е ‘историски криминал’, дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ влегува во криминал?“, прашаа од СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денешното поставување камен-темелник на делницата Тетово – Гостивар од коридорот 8 смета дека ја разоткрива целата хипокризија, дволичност и лицемерство на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, владејачката партија денес со гордост го промовира проектот со „Бехтел и Енка“, кој со месеци го оцрнуваше, го блокираше и го нарекуваше „историски криминал“.
„Ако е ‘историски криминал’, дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ влегува во криминал? Едно е јасно, лицемерието на ДПМНЕ нема граници, но сепак добро е што продолжува реализацијата на стратешки проект на СДСМ“,
се наведува во партиското соопштение испратено попладнево.
Од СДСМ потенцираат дека подготвителните работи за оваа 17-километарска делница, вклучително геомеханичките истражувања, проектирањето, усвојувањето на инфраструктурниот проект и обезбедувањето финансиски план, биле започнати во време на претходната влада предводена од СДСМ.
Тие додаваат дека делницата е дел од вкупно 110 километри што ги опфаќа стратегискиот договор со „Бехтел и Енка“, за кој ВМРО-ДПМНЕ претходно тврдеше дека е криминален.
„Од пат со широчина од 17 метри, СДСМ ја предвиде и почна реализацијата на модерна автопатска делница широка 27 метри – вистински инфраструктурен напредок. СДСМ инвестираше, градеше, ВМРО-ДПМНЕ кочеше. Но вистината секогаш излегува на виделина“,
се додава во соопштението.
Од партијата нагласуваат дека после 10 месеци од владеењето, ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден свој започнат инфраструктурен проект, туку единствено ги довршуваат проектите на СДСМ.
Камен-темелникот за изградба на автопатот Тетово-Гостивар во должина од околу 18 километри беше поставен денеска, а се очекува, проектот вреден 90 милиони евра, да биде завршен за две години.
Проектот за изградба на автопатот Тетово-Гостивар, кој е дел од коридорот 8, опфаќа и изградба на девет натпатници од кои осум се за поврзување на локалните патишта со новопроектираниот паралелен пат, еден натпатник е за новата клучка во Општина Боговиње и Општина Врапчиште, додека за реконструкција на клучката за излез од Тетово ќе се користи постоечкиот натпатник.