„Ова значи само едно: власта е фатена жива, со рацете во европските фондови“, велат од СДСМ

Опозициската СДСМ денеска продолжи со обвинување за проневери на милионски суми од европските фондови преку програмата „Еразмус+“.
На прес-конференција Јовица Јанковиќ од СДСМ ја повика Владата да ја разреши в.д. директорката на Националната агенција за европски образовни програми повторувајќи дека таа била дел од скандал што го истражувала Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Според СДСМ, Владата молчи за скандалот и со тоа ја штити директорката, што, како што велат, покажува дека и актуелната власт е вмешана.
„Ова значи само едно: власта е фатена жива, со рацете во европските фондови“,
изјави Јанковиќ додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ со „очајни напади“ врз СДСМ се обидува да ја прикрие вистината.
Во Извештајот на ОЛАФ, кој е доставен до Јавното обвинителство, Јанковиќ вели дека се наведува основано сомнение за злоупотреба на над два милиони евра и идентификувани се повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и пет земји-членки на ЕУ.
Од СДСМ додаваат дека остануваат сомнежите за тоа како биле распределени над осум милиони евра во периодот 2014-2017 година, кога сегашната в.д. директорка Ана Михајлов и Дорина Ѓорчева Митровска биле евалуаторки во Агенцијата.
„Улогата на Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка, неговата поврзаност со фирмите ’Силвер Лион Сервисес’ и ’Агронимија Органика’ и дали тие се дел од истата мрежа на сомнителни тендери и злоупотреби идентификувани од ОЛАФ останува да ги утврди Јавното обвинителство“,
додаде Јанковиќ.
СДСМ бара итно разрешување на в.д. директорката и целосна кривична истрага за сите инволвирани во скандалот со проневера на европски пари.
„Очигледно е зошто не се постапува. ВМРО-ДПМНЕ ги штити милионските шеми и злоупотреби во ’Еразмус+’“,
рече Јанковиќ.
Од СДСМ изминатите денови изнесоа, како што велат, нов скандал во Националната агенција за европски образовни програми, обвинувајќи ја Владата дека за в.д. директорка ја назначила Ана Михајлов, која, според нивни информации, е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).
Тие рекоа дека назначувањето на Михајлов на 1 август било извршено без транспарентност и без консултација со Европската Унија.
За обвинувањата од СДСМ вчера од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со контраобвинувања во кои се вели дека партијата ја користела Националната агенција за европски образовни програми задолжена за „Еразмус +“, за да им додели грантови на свои партиски кадри.