Од СДСМ тврдат дека дел од функционерите и лица блиски до власта имаат бугарско државјанство, поради што ВМРО-ДПМНЕ нема кредибилитет да зборува за заштита на македонските интереси. Оттаму сметаат македонска партија е онаа што се залага за полноправно членство на државата во Европската Унија
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ е промакедонска партија, оценувајќи дека таквата формулација отвора дилеми за нејзините вистински позиции.

„Христијан Мицкоски денеска изјави дека ВМРО е ‘промакедонска партија‘. Промакедонска? Значи не сте македонска? А, да… не сте. Правилно кажа Мицкоски! Не може да бидете македонска партија кога половина од вас имаат бугарски пасоши“,
се вели во соопштението од партијата.
Од СДСМ тврдат дека дел од функционерите и лица блиски до власта имаат бугарско државјанство, поради што ВМРО-ДПМНЕ нема кредибилитет да зборува за заштита на македонските интереси.
„Министри, пратеници, директори, членови на семејството на Мицкоски, семејството на Латас – првиот човек за медиуми на премиерот и уредник на Орбановата медиумска мрежа. Сите со црвени пасоши на ЕУ. Вие не сте промакедонска. Вие сте пробугарска партија со бугарско државјанство. Вие не го браните македонскиот идентитет. Вие го користите за да ја блокирате Европа и да ја заштитите вашата криминална империја“,
пишува во партиската реакција.
Од СДСМ сметаат македонска партија е онаа што се залага за полноправно членство на државата во Европската Унија.
„Македонска е само онаа партија која се бори Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија, а не изолирана провинција на Орбан и Путин. Вие сте промакедонски колку што е ‘промакедонски’ човек кој ја спречува европската иднина на својата земја.“,
додаваат од СДСМ.
Според опозициската партија, потребно е спроведување реформи и усвојување на уставните измени, со цел продолжување на евроинтегративниот процес.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од опозициската СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ е бугарофилска партија, изјави дека неговата партија е промакедонска и оти тоа е нејзин главен приоритет.
Според него, СДСМ го изгубил својот идентитет и начин на дејствување, додавајќи дека со тој проблем партијата наскоро ќе се соочи на избори.
Претходно од СДСМ упатија обвинувања кон коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, оценувајќи дека најголемиот бугарофилски колектив во историјата на Македонија се наоѓа токму во нивните редови.
