Опозицијата тврди дека станува збор за целосно партиско решение, за кадар кој не е квалификуван, и затоа бара повлекување на одлуката
Опозицијата денеска соопшти дека Анкица Трпковска, сопственичката на фирмата која требаше да ја изгради спорната катна гаража кај Собранието, е избрана за член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации – АЕК, за што месечно ќе добивала по 2 700 евра.
Социјалдемократите тврдат дека овој избор е спорен од неколку причини.
„Прво, власта спроведува брутална партизација АЕК, која треба да биде независно тело, и вдомува лица со лични и партиски релации со функционерите од актуелната власт. Трпковска сѐ уште се води како сопственичка на компанијата што требаше да ја гради спорната катна гаража, а избрана е во период кога се подготвува Закон со кој би требало да се обесштети нејзината компанија. На нејзината фирма адвокат ѝ беше Панче Тошковски. Дали ова не е конфликт на интерес само по себе?“,
изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Дополнително, како што вели Кузеска, Трпковска не ги исполнува условите да биде во АЕК.
„Навела дека пред неколку години завршила високо образование по јавна администрација и дека се стекнала и со магистер по правни науки. Што значи, нема посебни познавања од областа на електронските комуникации. Освен ако власта смета дека познавање од областа на електронските комуникации е користење интернет и Ворд, како што самата Трпковска напишала во биографијата. Во член 17 од Законот за електронски комуникации јасно се дефинирани условите – за да биде избран некој член на Комисијата на АЕК, мора да има соодветно работно искуство во струката и цитирам, ’посебни знаење од областа на електронските комуникации’“,
изјави Кузеска.
За СДСМ овој избор е само потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски продолжуваат со партизација на институциите и дека прават спротивно на сѐ што ветуваа пред изборите.
Опозицијата бара повлекување на ова одлука на Владата, а Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет по допрен глас.