На ставот од „Бихаќка“ реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека е среќа што СДСМ не е на власт, затоа што сега „ќе бевме кандидати за влез во ЕУ како малцинство во Бугарија, кое зборува бугарски јазик и има бугарска историја“
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека прашањето на македонскиот јазик и Акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците не се тема на билатерални односи, а тоа што владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отвора овие теми сега е со цел да го стопира евроинтеграцискиот процес на земјава.

Според социјалдемократите од „Бихаќка“, темата со македонскиот јазик во Европската Унија е затворена и завршена, а како аргумент го наведуваат тоа што Македонија веќе го има потпишано првиот договор со ЕУ на македонски јазик.
„Договорот со Фронтекс го потпиша дури и Бугарија, со што македонскиот јазик е официјално признаен и во ЕУ. Зошто прашања со Бугарија за македонскиот јазик се отвораат сега, кога се затворени во ЕУ? Како што веќе многупати кажавме, тоа е затоа што ВМРО сака изолација на Македонија, за да може да продолжат со грабежот на тендерите, како што се, на пример, 161 тендер на една фирма, девет милиони евра за друга, 1,2 милиони евра тендери за ‘Пошта“ за фирма блиска до ЗНАМ и многу други. Ова е само уште еден доказ за сето она што СДСМ го говори во јавноста изминатиот период“,
велат од „Бихаќка“.
Според СДСМ, премиерот Мицкоски и коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во власта, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, воопшто не сакаат да ја отворат темата за членство во ЕУ затоа што, како што велат, сакаат да го прекинат процесот на евроинтеграции, да распишат избори, а потоа да донесат мигранти во државата.
На ставот од „Бихаќка“ реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека е среќа што СДСМ не е на власт, затоа што сега „ќе бевме кандидати за влез во ЕУ како малцинство во Бугарија, кое зборува бугарски јазик и има бугарска историја“.
„До толку ја сакаат власта што би прифатиле да бидеме и бугарска покраина, а за Гоце (Делчев), Даме (Груев) и (Јане) Сандански уште утре ќе напишат дека се Бугари. Но, затоа и не се власт. Затоа што граѓаните ја додадоа поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, партија која ќе ја внесе Македонија во ЕУ, без да се погази волјата на граѓаните“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Темата околу односите со Бугарија и прашањето за јазикот повторно се најдоа во фокусот на јавноста откако викендот премиерот Христијан Мицкоски кажа дека Акцискиот план за заштита на правата на малцинствата и заедниците бил завршен уште пред неколку месеци, со вклученост на европски експерт, но оти Софија го одбила, затоа што бил напишан на македонски јазик.
По изјавите на Мицкоски, Министерството за внатрешни работи на Бугарија објави соопштението во кое изрази загриженост за последните „измислени тези“ од властите во Скопје што „остро се разликуваат од суштината на европскиот консензуз од 2022 година“.
Денеска се огласи и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на РС Македонија, од каде што, исто така, изразија загриженост, но за наводите кои дојдоа од Софија.
Во однос на предлог-акцискиот план за зашита на правата на малцинствата и заедниците, од македонското МНР рекоа дека тој е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и од странски експерти и дека е усогласен со највиоските европски стандарди.
Реакциите од официјална Софија, од македонското МНР ги оценија како загрижувачки бидејќи, како што наведоа оттаму, наместо Акцискиот план да биде поздравен како конструктивен чекор, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија.
„Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик“,
велат од македонското МНР.
