Кузеска вели дека коалицијата се распаѓа бидејќи единствено што ги држи заедно се функциите. Таа вели дека граѓаните се сведоци на катастрофални економски резултати, нула реформи, распад на институции и понижување на државата на меѓународна сцена

Помалку од една година по формирањето, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе почнува да се распаѓа, оценуваат од СДСМ. Според нив, ова е директна потврда дека власта на Христијан Мицкоски е нефункционална, деструктивна и фокусирана исклучиво на лични интереси.
Партиската портпаролка Богданка Кузеска денеска рече дека коалицијата се распаѓа бидејќи единствено што ги држи заедно се функциите. Таа вели дека граѓаните се сведоци на катастрофални економски резултати, нула реформи, распад на институции и понижување на државата на меѓународна сцена.
„Мицкоски е премиер без насока – ја води државата како да е приватна компанија, фокусирана само на тоа кој каде ќе се вдоми и што ќе земе. Владата не ја води со визија и храброст, туку со калкулантски однос за секое важно прашање. Јасно е дека нема лидерство и одлучност во оваа Влада“,
рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Според неа, народот живее сè потешко, цените растат, платите стагнираат, додека Владата троши милиони на луксуз. Таа упати критика дека народните пари се трошат на скапа храна, додека работниците бараат повисока минимална плата, а граѓаните се борат да преживеат месец за месец.
Кузеска денеска ја искритикува и состојбата на локално ниво, тврдејќи дека општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се „расадници на корупција“, каде градоначалниците се фокусирани на местење тендери наместо на решавање на проблемите на граѓаните.
„Партнерите си заминуваат, а граѓаните се во апатија затоа што гледаат дека оваа влада нема капацитет. Никој не треба да биде соучесник и дел од пропаѓањето на државата во провалија кон која нѐ води Мицкоски. Сите што остануваат со Мицкоски се дел од истиот проблем. Свесно ја поддржуваат штетната насока и ја носат истата одговорност“,
рече Кузеска.
Според неа, оваа Влада е без систем, план и резултати, а единствено што функционира се личните интереси. СДСМ заклучува дека државата не може да се води на таков начин и дека граѓаните нема да трпат вечно. Тие најавуваат дека ќе продолжат да бидат гласот на разумот и одговорноста, убедени дека оваа власт, како и сите што се градат врз лаги и интереси, ќе падне.
„Ова е момент за соочување со политичката вистина: Македонија нема време за експерименти, нема простор за играње држава. Потребна ни е функционална, одговорна и сериозна власт“,
додаде Кузеска.
Од СДСМ и утринава го коментираа излегувањето на крилото на Алијанса за Албанците од Владата. Оттаму во писмено соопштение рекоа дека Мицкоски на крајот ќе остане осамен и опкружен само со неговите клиентелисти и амбицирани криминалци, и оти граѓаните јасно гледаат низ проѕирните лаги на ВМРО-ДПМНЕ.