Таа ја опиша моменталната состојба како „тажна реалност“, каде животот во Македонија е неподносливо скап, а народот има сѐ помалку пари и преживува од ден за ден

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека се случува тотален дебакл на економски план и оти економската политика на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е целосно промашена.
Потпретседателката на партијата Кристина Костова на денешната прес-конференција се осврна на најновите податоци на Државниот завод за статистика, кои покажуваат инфлација од 3,3 отсто. Според СДСМ, овие бројки не се само статистика, туку реалност која се чувствува во секое македонско семејство, каде „сѐ е поскапено“, а животот станал „купи ден – помини“.
„Инфлацијата го јаде семејниот буџет, платите, но и самиот економски раст. Фалбите за некаков раст на БДП или дека сме биле 4-та економија во Европа немаат никаква врска со реалноста, тоа е една голема лага“,
рече Костова.
СДСМ посочи дека премиерот Мицкоски, според нив, „излажал за растот на БДП“, кој, како што наведе Костова, не е 3,4 отсто како што тврдел, туку 3. Кога овој процент ќе се спореди со инфлацијата од 3,3 отсто, СДСМ тврди дека не само што нема реален раст, туку тој е негативен.
Како резултат на ова, куповната моќ на македонските граѓани е најмала во споредба со целиот регион.
„Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42 проценти од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани имаат дури и земјите во регионот, Србија со 51, Црна Гора со 53 отсто и така натаму“,
додаде Костова.
Таа ја опиша моменталната состојба како „тажна реалност“, каде животот во Македонија е неподносливо скап, а народот има сѐ помалку пари и преживува од ден за ден.
Граѓаните, според Костова, „купуваат сѐ помалку, го пресметуваат секој денар, одат во продавница со страв“.
Потпретседателката на СДСМ ја критикуваше власта за тоа што, наместо да понуди решенија и да го заштити стандардот на граѓаните, одлучила да ги покачи платите само на функционерите.
„За работниците – ништо, нема пари, власта има пари само за зголемување на платите на функционерите. Без трошка срам министерката за финансии тврди дека повисоки плати ќе предизвикале инфлација. Работниците не заслужуваат ваков однос, вакво понижување“,
рече Костова додавајќи дека тоа е врв на безобразие.
Таа додаде дека СДСМ бара итна промена на курсот, владата да преземе итни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и да ги покачи платите на работниците.