Радеска истакна дека оваа ситуација е директен резултат на неспособност и расипнички приоритети на Мицкоски и неговиот другар Клековски, бидејќи, според неа, вакво доцнење никогаш не се случило во минатото, дури ни за време на светска економска криза или хакерски напади на Фондот

Владата на Христијан Мицкоски ги остави мајките и новороденчињата без основната финансиска сигурност што им следува по закон. Породилниот надомест доцни и до 30 дена, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство на СДСМ.
„Породилниот надомест доцни по 20 дена, а има мајки кои чекаат и повеќе од 30 дена. Понижувачки и нечовечки е да се дозволи мајките да се јавуваат и да молат за исплати и да немаат пари за пелени и млеко“,
рече Радеска на денешната прес-конференција.
Радеска истакна дека оваа ситуација е директен резултат на неспособност и расипнички приоритети на Мицкоски и неговиот другар Клековски, бидејќи, според неа, вакво доцнење никогаш не се случило во минатото, дури ни за време на светска економска криза или хакерски напади на Фондот.
„Нема ништо нормално во тоа семејства што живеат само од породилното да останат без денар затоа што ДПМНЕ не си ја врши работата“,
вели Радеска.
СДСМ го праша премиерот Мицкоски зошто нема пари за мајките и бебињата, а има за луксузни автомобили, скапи мебели и тендери кај блиски фирми.
„Дали е точно дека сите доцнења се заради неликвидноста на буџетот?“,
прашаа од СДСМ.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија упати јасни барања до надлежните институции веднаш да ги исплати сите заостанати породилни надоместоци без одложување и да се воведе фиксен датум на исплата секој месец, како што бараат мајките.
Од СДСМ побараа Владата јавно да ја објави состојбата со Фондот и да каже каде завршиле парите наменети за мајките.
„СДСМ стои со овие жени, ќе бидеме нивниот глас додека Владата ги игнорира. Ќе зборуваме гласно сè додека не се исполнат сите обврски кон секое новороденче и кон секоја мајка која денес се чувствува изневерена од државата“,
додаде Радеска.
