Овој нивни повик следи по одлуката на РКЕ од вечерва на полноќ повторно да поскапат горивата

Од опозицискиот СДСМ денеска ја повикаа Владата итно да ги прифати нивните предлог-законски решенија за запирање на кризата со цените.
„Од утре следува ново поскапување на горивата што дополнително ќе ги зголеми цените на сите производи, особено на прехранбените. Пред една недела претседателот на СДСМ, Венко Филипче, понуди три клучни мерки за намалување на цените на горивата и спас на стандардот на граѓаните од поскапувањата. Намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 5 проценти за горивата, намалување на акцизата за 4 денари и укинување на ДДВ на основните прехранбени производи. Потребно е итно воведување на мерките“,
порачаа од СДСМ.
Овој нивни повик следи по одлуката на РКЕ од вечерва на полноќ повторно да поскапат горивата.
Според одлуката на РКЕ, малопродажните цени на бензините и на екстралесното масло за домаќинство се зголемуваат за 7 денари за литар, додека дизелот поскапува за 6,5 денари.
Бензинот еуросупер БС-95 од ноќеска ќе се продава за 86,5 денари за литар, литар еуросупер БС-98 ќе чини 88,5 денари, литар дизел ќе се продава за 92 денари, а екстралесното масло за домаќинство за 89,5 денари. Од ноќеска се зголемува и цената на мазутот, кој сега ќе чини 47,453 денари по килограм.
