Според СДСМ, младите во Македонија не смеат да бидат „колатерална штета“ на неспособноста на ДПМНЕ и заслужуваат држава која функционира, а не таква што се „распаѓа на една мерка со една интернет-страница“

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека со акцијата за доделување ваучери за електронски уреди за студентите е направен дебакл.
Според СДСМ, дебаклот е поради „неспособна власт која не знае да организира ниту наједноставна мерка“.
Од партијата посочуваат дека постапката била хаотично водена.
„Прво им дадоа ваучери на младите студенти, па им ги поништија. Ги повикаа младите да аплицираат, им праќале потврди, дури им дозволиле и да подигнат уреди, за потоа да им стигне мејл дека ваучерот не важи. Последните информации објавени во медиумите се дека постдипломци добиле ваучери, иако не им следуваат“,
велат од СДСМ.
СДСМ прашува дали се направени намерни злоупотреби, наведувајќи ги медиумските информации дека постдипломци добиле ваучери иако не ги исполнуваат критериумите.
„Срушени системи уште во првата минута, хаотично водена постапка, врати отворени па затворени, потврди испратени па поништени, добиени ваучери без исполнети критериуми, сето ова со заеднички именител – неспособна ДПМНЕ“,
се вели во соопштението.
СДСМ бара одговорност, нагласувајќи дека власта создала ситуација во која е непознато што ќе се случи со студентите што веќе го подигнале уредот со одобрен ваучер.
„Кој сега ќе преземе одговорност за овој хаос и оваа измама? Никој не виде бенефит од оваа власт“,
велат од опозицијата.
Според СДСМ, младите во Македонија не смеат да бидат „колатерална штета“ на неспособноста на ДПМНЕ и заслужуваат држава која функционира, а не држава што се „распаѓа на една мерка со една интернет-страница“.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако на социјалните мрежи се појавија огласи во кои студенти што добиле ваучери, ги продаваат за, како што наведуваат, задоволување други потреби.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера рече дека проектот за доделување вредносни ваучери за студентите за набавка на електронски уреди е ветен и реализиран, а на совеста на студентите е како ќе постапуваат со нив.
