„Дали следењето и прислушкувањето новинари, активисти и политички неистомисленици се таргет на МВРО-ВМРО?“, прашаа од СДСМ
Владината портпаролка Митева вели дека Социјалдемократскиот сојуз е политичката партија која во време на власта го набавува тој софтвер за форензика, и знае дека тој не може да функционира без лиценци
ВМРО-ДПМНЕ повторно се враќа на старите патеки, рекоа денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и обвинија за сомнителна набавка на, како што велат, софтвер за прислушкување од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР).

СДСМ смета дека ова претставува враќање на „старите режимски практики“ на ВМРО-ДПМНЕ, со цел контрола преку заплашување и прислушкување на новинари, активисти и политички неистомисленици.
СДСМ објави договорот склучен помеѓу „Смарт солутионс“ и МВР
Според СДСМ, на почетокот на мај оваа година МВР потпишало договор за набавка на софтвер кој се користи за прислушкување и шпионажа на телефонски уреди. Од партијата денеска го објавија и договорот склучен помеѓу „Смарт солутионс“ и Министерството за внатрешни работи.
„Дали следењето и прислушкувањето новинари, активисти и политички неистомисленици се таргет на МВРО-ВМРО?“,
праша Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ, на денешната прес-конференција.


Тој рече дека софтверите „Селебрајт инсајтс про“ и „НовиСпај“, за кои се наведува дека се алатки развиени за потребите на српската Безбедносно-информативна агенција, во светските медиуми и официјални соопштенија на Гугл биле поврзани со следење на новинари и активисти.
Илиевски се повика и на извештајот на „Амнести интернешнл“, кој, како што рече, објави целосно истражување и форензички резултати за овие случувања.
СДСМ прецизираше дека МВР набавува годишна лиценца за софтвер „Селебрајт инсајтс онлајн про“, годишна лиценца за „Recon ITR“, „Recon Lab“ и „Exterro FTK Enforcement Bundle“, во вредност од 9 милиони денари.
„Ова се скандалозни и загрижувачки информации“,
истакна Илиевски.
Тој постави низа прашања до МВР: „Зошто МВР го избра најсомнителниот софтвер, познат по низа скандали и незаконско следење? Ќе се прислушкува ли повторно ‘на големо’ и тоа без соодветни одобренија од правосудните органи? Ќе има ли кој да контролира и како би се контролирало недозволено следење, снимање, упад во комуникациите на граѓаните?“
На крајот од прес-конференцијата, Илиевски порача дека МВР ѝ должи одговори на јавноста за оваа набавка.
Митева: Станува збор за рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците
По прес-конференцијата на Илиевски, за ова прашање одговор даде владината портпаролка Марија Митева.
Нејзиниот одговор на прес-конференција во Владата беше даден на новинарско прашање зошто се набавува ваков софтвер.

Митева ја демантираше прес-конференцијата на СДСМ и рече дека обвинувањата се ноторна лага.
„Прво мора да ви кажам дека целосно ја демантирам прес-конфернцијата и ноторна лага е тоа што е изнесено на неа. Од друга страна, Социјалдемократскиот сојуз е политичката партија која во време на власта го набавува тој софтвер за форензика. И точно знаат дека тој софтвер не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат затоа што таа опрема е наменета за дигитална форензика“,
рече Митева.
За договорот што го објави СДСМ, Митева рече дека е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа.
„Замислете, набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги. Мислам дека нема што повеќе да додадам освен дека владее навистина една голема безидејност таму“,
додаде таа.
Реакција на обвинувањата од Илиевски стигна и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат оти наодите на СДСМ дека е набавен софтвер за прислушување во МВР се брутална лага.
„Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт. Многу добро знае СДС дека инсинуациите од денешниот прес им се целосна измислица, но жално е како мислат дека го лажат народот. Да потсетиме дека СДС е партија која многупати досега е осудена за клевети и партија која нема никаков проблем да лаже и клевети за да растура пердуви“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат оти очекуваат извинување од СДСМ.
Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) кон крајот на минатата година објави дека активисти во Србија се прислушкувале и им биле инсталирани шпионски софтвери во телефоните.
Во неколку случаи во Србија бил пронајден софтверот „НовиСпај“, еден од оние што СДСМ ги спомена на денешната прес-конференција.
