Опозицискиот СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за дефокусирање и континуирано ширење лаги повикувајќи ги да се фокусираат на реализација на проекти за граѓаните
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека златна виза за Дубаи се добива само преку инвестиции

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ги демантираат тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека лидерот на партијата Венко Филипче поседува инвестиции или имот во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Од партијата, преку соопштение, тврдат дека Филипче поседува виза, но таа не е добиена врз основа на инвестиции или сопственост на имот.
Тие ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за дефокусирање и континуирано ширење на лаги повикувајќи ги да се фокусираат на реализација на проекти за граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ, наместо да лаже во континуитет и да се обидува да дефокусира, треба да почне да реализира нешто за граѓаните кои од оваа власт, освен неспособност, лаги и напади на опозицијата, ништо друго не виде веќе цела година”,
се вели во соопштението на СДСМ.
Претходно денеска од ВМРО-ДПМНЕ побараа Филипче да одговори на прашањата за потеклото на неговата златна виза за Дубаи, која, според нив, се добива само преку инвестиции.
Тие го обвинуваат Филипче за лажење на јавноста и менување на ставови, споредувајќи го со, како што велат, неговиот ментор Зоран Заев.
„Филипче да каже со која болница преговарал за да добие виза? Филипче молчи за потеклото на златната виза за Дубаи, која може да се добие само преку инвестиции. Дали има приватен бизнис кој го крие од јавноста? Дали можеби Филипче има удел во бизнисот на Заев за градење педесеткатница во Дубаи?“,
се дел од прашањата што ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштение ги упати до Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Филипче и Заев да „одговараат за нивните предавства и криминал“ и ги нарекуваат „синоним за неспособност, криминал и предавство“.
Од ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период во неколку наврати прашуваа дали и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, има златна виза за Дубаи исто како и Зоран Заев.
На овие прашања од ВМРО-ДПМНЕ, Филипче одговори дека има само виза што му овозможува да патува, но дека таа не е поврзана со инвестиции и со недвижнини.
„Немам виза поврзана со инвестиции и со недвижнини. Немам илјадници евра, немам сметки. Немам виза поврзана со милиони, со авиони и камиони. Едноставно имам виза што ми овозможува да патувам“,
беше одговорот на Филипче.