Според социјалдемократите од „Бихаќка“, во обидот „да се испере“ за „скандалозната“ одлука, Обвинителството директно го закопало премиерот Христијан Мицкоски, од кого бараат јавно да каже што ќе добие ДУИ за возврат
Уште една потврда дека враќањето од бегство на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и замената на ефективниот со куќен притвор е реализација на претходно договорено сценарио меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Вака од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го оценуваат објаснувањето на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија дека куќниот притвор бил предложен бидејќи Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение во затворот „Скопје“ не може да се гарантира безбедноста на Груби.

Според социјалдемократите од „Бихаќка“, во обидот „да се испере“ за „скандалозната“ одлука, Обвинителството директно го закопало премиерот Христијан Мицкоски, од кого бараат јавно да каже што ќе добие ДУИ за возврат.
„Министерството за внатрешни работи, раководено од Панче Тошковски од ВМРО-ОКГ, и Агенцијата за национална безбедност, раководена од Бојан Христовски исто така од ВМРО-ОКГ, дале проценка дека Груби ‘не бил безбеден’ во ‘Шутка’, па затоа предложиле куќен притвор. Не е прашањето дали државата не може да гарантира безбедност во притвор. Ова е уште една потврда дека сè е договорено однапред. Режираното сценарио за реализација на дилот меѓу ВМРО и ДУИ се случува пред очите на јавноста“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму го наведуваат и името на обвинителот што го води предметот и го дал предлогот, како и неговиот шеф, односно првиот човек на Основното јавно обвинителство Скопје, Анел Фидоски, кој на функцијата беше избран неодамна.
„Кои обвинители постапуваа во предметот и кој го предложи куќниот притвор за Груби? Предметен обвинител е Даниел Коцев, а негов шеф во скопското Обвинителство е Анел Фидоски, кој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година. На кого веќе ова сценарио не му е јасно? Два месеци говориме за ова“,
велат од „Бихаќка“.
Во овој контекст е и ставот на СДСМ дека доаѓањето на Груби е очигледно временски темпирано, што денеска на прес-конференција го повтори и генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ.
Според СДСМ, прво се чекало да се преземе целосна контрола врз обвинителството со нова раководна поставеност, па потоа да се реализира договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Сега коцките на целото режирано сценарио се нместени. Тошковски и Христовски од ВМРО-ОКГ даваат проценка, обвинители назначени од ВМРО-ОКГ реализираат. Граѓаните конечно гледаат сè и знаат. Мицкоски треба да излезе и да одговори што треба ДУИ да добие за возврат“,
наведуваат од Социјалдемократскиот сојуз.
Инаку, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска преку писмено соопштение одговори на реакциите што во јавноста ги предизвика одлуката на Артан Груби ефективниот да му биде заменет со куќен притвор, објаснувајќи ги причините за предлогот што дојде од надлежниот обвинител, а беше прифатен од Кривичниот суд.
Велат дека за таквата одлука биле исполнети специфичните услови, односно дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение не може да се гарантира безбедноста на Артан Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.
Наведувајќи дека надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со закон, од Јавното обвинителство велат дека го разбираат интересот на јавноста за овој предмет, но апелираат за воздржаност во коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка.
