„Се спроведува таа моноетничка стратегија и платформа за маргинализирање на Албанците (од 2022 г., н.з.). Но, се презентира како ДУИ-фобија, а всушност е албанофобија, за да се контролира и политичкото претставување на Албанците“, порачува потпретседателот на ДУИ (дел од НАИ), Арбер Адеми

СДСМ соработува со ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН за маргинализазија на Албанците и нивно исклучување од политичките, економските и општествените текови, вели портпаролот и потпретседател на ДУИ, Арбер Адеми во интервју за „360 степени“ на МРТ1. Според Адеми индикативно е тоа што СДСМ немаат предложени кандидати за градоначалници во опдредени општини.
Адеми: Премиерот има одлична соработка со СДСМ од 2022 г. па наваму. Се спроведува таа моноетничка стратегија и платформа за маргинализирање на Албанците. Но, се презентира како ДУИ-фобија, а всушност е албанофобија, за да се контролира и политичкото претставување на Албанците. И ете имате еден пример, во Кичево ВМРО-ДПМНЕ има свој кандидат, а СДСМ нема свој кандидат за да им се помогне на ВМРО-ДПМНЕ да ја добијат општината.
360 степени: Ако процениле дека не може ништо да направи, можеби тоа е причината да не кандидираат.
Адеми: Но, секаде имало. На пример, би требало СДСМ да имаше кандидат на пример во Чаир, или во Тетово, или во Гостивар, или во Струга, или Дебар, или некаде друго, но не.
Во однос на обвинувањата на премиерот дека Левица одработува за ДУИ, Адеми вели дека Мицкоски сака мобилизирање на македонското гласачко тело против ДУИ.
Адеми: Тоа што Левица има свои кандидати, тоа нема врска со Националната алијанса за интеграција. Сигурно тие процениле сами дека тоа им оди во полза, за да се прошират како политичка партија во овие градови. Тоа е нивна одлука, направено од нивни калкулации, верувам.
360 степени: И вашата теза за тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно со ВЛЕН се обединети контра ДУИ е во функција на мобилизација на Албанците за ДУИ?
Адеми: Не, логично би било, како што било досега, да има кандидати од македонските политички партии во овие градови. Ете, за првпат се случува вака, за да нема ниту едната, ниту другата политичка партија. Во цела западна Македонија ВМРО нема свои кандидати, официјално, а неофицијално има втора листа на кандидати, а тие се кандидати на ВЛЕН. Или преку ВЛЕН или преку независни кандидати Албанци кои, всушност, се кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и затоа ние им велиме на граѓаните – секој глас за кандидатите на ВЛЕН или на независните кандидати, како што е независниот кандидат во Струга, е глас за ВМРО-ДПМНЕ, но со втора екипа, втора листа, неофицијално.