Според наводите на опозицискиот СДСМ, сопственик на фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ е извесен Петар Доновски, кој, како што велат оттаму, бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Аеродром. Само од општина Аеродром, според СДСМ, оваа фирма добила 22 тендери
Антикорупцискиот тим на СДСМ обвини дека фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која од општините каде што ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници добила вкупно 51 тендер во вредност од 16 милиони евра, е поврзана со владејачката партија. Според наводите на СДСМ, сопственик на фирмата е извесен Петар Доновски, кој, како што велат оттаму, бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Аеродром.

„По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник. Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание? Само од општина Аеродром оваа омилена фирма има добиено 22 тендери. Ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите, тогаш што е? Уште ли ќе чекаат Јавното обвинителство, ДКСК и Финансиската полиција?“,
изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ на денешната прес-конференција.
Од опозициската партија велат дека со случајот се открива и поврзаноста на тендерите и избирачкиот процес.
„Ако некој што бил во Избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата? Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада – затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата“,
велат од СДСМ и додаваат дека техничката влада мора да остане.
ВМРО-ДПМНЕ вчера ги одби како неосновани обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека фирма блиска до власта добила 51 тендер во општини раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека опозиционерите не понудиле ниеден доказ за незаконско постапување за случајот што го посочуваат.
