ДУИ ја поддржала Дитмире Шеху, која е дел од актуелниот состав како потпретседателка на ДИК. ВМРО-ДПМНЕ, покрај за Александар Даштевски, поддршка дава за Бобан Стојаноски, правник вработен во Собранието
СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ до 10 часот утрово ги доставиле имињата на кандидатите за членови на Државната изборна комисија (ДИК) за кои даваат поддршка. Официјален предлог сè уште не пристигнал од коалицијата на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива.
За новиот состав на ДИК, според распоредот на силите во парламентот, СДСМ треба да наведе тројца кандидати за кои дава поддршка, ДУИ еден, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ два, меѓу кои и претседател. Местото што досега го имаше Беса, ќе го заземат АА и Алтернатива, како втора партија во опозиција во парламентот.
Според информациите од Собранието, СДСМ дал поддршка за нов мандат на Борис Кондарко и Радица Ристеска, кои се актуелни членови, а како трет кандидат кому му даваат поддршка е поранешниот заменик-министер за правда Оливер Ристовски.
ДУИ, пак, ја поддржала Дитмире Шеху, која исто така е дел од актуелниот состав како потпретседателка на ДИК.
ВМРО-ДПМНЕ, како што е познато, за претседател го поддржува Александар Даштевски, кој доколку биде изгласан ќе го замени досегашниот Оливер Дерковски. За втор член опозициската партија поддршка дава за Бобан Стојаноски, кој работи како правник во Собранието.
Алијансата за Албанците, која е во коалиција со Алтернатива, според партиски извори, ќе го поддржи Кренар Лога, правник од Струга.
На огласот за ДИК се јавија вкупно 14 кандидати. Вчера Комисијата за прашања за изборите и именувањата ја утврди листата и ја достави до Собранието, а денеска оваа комисија ќе одржи уште една седница на која треба да ги утврди кандидати кои ќе добијат поддршка од партиите, по што се очекува на денешната пленарна седница во парламентот тие да бидат изгласани.