СДСМ побара одговор дали граѓаните со народни пари ја плаќаат партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ и бараат итно поништување на договорот и одговорност од сите инволвирани

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја обвини Владата дека склучила договор тежок речиси милион евра за опрема што, според нив, ќе се користи за партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори.
Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ, вели дека Генералниот секретаријат на Владата, со потпис на Игор Јанушев, склучил договор за озвучување, осветлување, видеоѕидови, бина, опрема за симултан превод и техничка поддршка.
Јанковиќ денеска, на прес-конференција, покажа документи на кои во графата назив на ставка може да се види за каква опрема станува збор.
„Иако власта сака да претстави дека опремата е за симултан превод, симултан превод има најмалку. Со тендерот всушност се купува скапа опрема за промоција и организирање на настани: озвучување, микрофони, видеоѕидови, шатори, дрон, камери, дим-машини, светлосни ефекти. Со еден збор, целосна сценографија за кампања“,
рече Јанковиќ на денешната прес-конференција.



СДСМ побара одговор дали граѓаните со народни пари ја плаќаат партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ и бараат итно поништување на договорот и одговорност од сите инволвирани.
Јанковиќ упати апел до Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство веднаш да реагираат и да покренат одговорност за, како што го нарекоа, „класичен пример за предизборна злоупотреба на институциите и парите на граѓаните“.
„Наместо за поголеми плати и подобрување на животниот стандард, владата на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски расфрла милиони евра само за нивни партиски интереси“,
рече Јанковиќ нагласувајќи дека државната каса и парите на граѓаните ги третираат како свои.