За изнесените обвинувања, СДСМ побара од институциите да поведат постапки за ревизија и утврдување одговорност

ФОТО: СДСМ
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска информира за, како што ги нарекоа, „сериозни злоупотреби и скандалозно однесување“ во Министерството за култура и туризам под раководство на министерот Зоран Љутков.
Катарина Илиевска-Силјановска од Комисијата за култура во СДСМ постави директно прашање: „Зошто на Љутков му се дозволува вакво аздисување и злоупотреба на парите на граѓаните?“.
Илиевска-Силјановска, на денешната прес-конференција, изнесувајќи ги обвинувањата, посочи на неколку случаи.
Според СДСМ, министерот Љутков го унапредил својот возач во кабинетски службеник, со единствена цел да му овозможи 30 отсто повисока плата. Дополнително, вработена од неговиот кабинет била поставена за претседател на Управниот одбор во Опера и балет, што според СДСМ претставува „очигледен конфликт на интереси“.
Партијата ги критикуваше и наводно високите трошоци за патувања на министерот.
СДСМ тврди дека Љутков потрошил над 50 илјади евра за патувања само во второто полугодие од 2024 година. Исто така, биле купени нови авионски карти за патување во Јапонија во септември, каде на државна сметка ќе настапуваат Ана и Игор Дурловски, за кои СДСМ наведува дека имаат блиски врски со власта.
Илиевска-Силјановска рече и дека државната секретарка Марија Ѓорѓова на 19 мај годинава од министерот Љутков била разрешена со цел да ѝ се овозможи унапредување преку интерен оглас на позиција државен советник за европски прашања и креативни индустрии.
„Иако официјално разрешена, Ѓоргова продолжи да се претставува како државен секретар. Јавно настапува на настани, отвора изложби, патува на државен трошок: во Ватикан, на Венецијанското биенале, дури и ја примила грчката амбасадорка во својство на државен секретар, позиција од која е службено разрешена, што е своевиден дипломатски скандал“,
рече Илиевска-Силјановска.
Според Илиевска-Силјановска, скандалозно е тоа што по „исполнувањето на личните желби“, Ѓоргова повторно е вратена на функцијата државен секретар, „унапредена и згрижена“.
СДСМ смета дека ова е „класично кршење на законите, злоупотреба на институции и директна навреда за сите културни работници во државата“.
За овие обвинувања, СДСМ побара од институциите да поведат постапки за ревизија и утврдување одговорност.
„Злоупотребите со јавни функции и народни пари да престанат веднаш!“,
рекоа од партијата.
Според СДСМ, ова не е политика во интерес на културата – ова е „културна катастрофа“, и додаваат оти нема нема да молчат и ќе продолжат „да се борат за вистински вредности, отчетност и почит кон културните работници и граѓаните!“.