Според СДСМ, фактот што 18 граѓани се упатени на Клиниката за пулмологија докажува дека граѓаните биле изложени на штетни материи со реални здравствени последици

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) велат дека скринингот што го побарале по пожарот во Трубарево покажал дека граѓаните се труеле. Од партијата прашуваат кој ќе понесе одговорност.
Според СДСМ, фактот што 18 граѓани се упатени на Клиниката за пулмологија докажува дека граѓаните биле изложени на штетни материи со реални здравствени последици.
„Анализите потврдија – 18 граѓани биле изложени на штетни материи со реални здравствени последици, токму од високото ниво на загаденост на воздухот. Ова е јавна здравствена катастрофа“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Партијата ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека свесно оставила луѓе да се трујат, истакнувајќи дека власта ја минимизирала опасноста, тврдејќи дека воздухот само „изгледал загаден“.
СДСМ во соопштението се осврнува и на официјалните податоци кои, според нив, биле објавени дури шест дена по пожарот.
Партијата тврди дека податоците покажуваат речиси дванаесеткратно надминување на кадмиумот (59,1 ng/m³ наспроти дозволени 5), како и зголемени вредности на арсен и олово.
„Наместо навремена реакција, превенција и грижа за здравјето на граѓаните, власта избра да лаже и минимизира, да се обидуваат да ја покријат штетата со ПР-паравани, со некакви хибридни напади. Вистината излезе на виделина – има заболени луѓе, има жртви на негрижата и непостапувањето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ“,
се нагласува во соопштението.
СДСМ, додаваат оттаму, со недели предупредува дека се потребни итна акција, скрининг и евакуација.
„ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги заштитија граѓаните, ги доведоа во опасност, го загрозија нивното здравје. И за тоа мора да има одговорност“,
додаваат од СДСМ.
Од партијата бараат итна политичка и институционална одговорност од сите надлежни кои не постапиле навреме.
СДСМ бара одговорност од министрите за здравство и за внатрешни работи, како и од директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Министерот за здравство Азир Алиу денеска информира дека вкупно 18 лица што поминале низ процедурите на скрининг ќе продолжат со натамошни специјалистички прегледи на Клиниката за пулмологија.
Тимовите од Клиниката за пулмологија информираат дека пациентите упатени на Клиниката имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица и стегање во градите.
Скринингот вклучувал клинички преглед, како и мерење пулс, сатурација и процена на витален капацитет.
Пожарот во објектот на фирмата „Ф-групација“ се случи на 13 септември. Гореше електричен и електронски отпад поради што ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање неколку дена вршеше мерења на квалитетот на воздухот во Трубарево.
Црниот чад што се дигна од пожарот неколку часа можеше да се види речиси од цело Скопје.
Примероците земени од воздухот во Трубарево на 13 и на 14 септември покажаа дека честичките ПМ 10 биле покачени речиси за двојно, односно биле измерени 92,65 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 50.
Концентрацијата на олово била 0,75 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 0,5. Арсен имало 8,9 нанограми на кубен метар, а дозволено е 6.
Најголемо зголемување имало кај кадмиумот, чии концентрации биле над десет пати повеќе од дозволеното. Измерени биле 59,1 нанограми на кубен метар, а дозволената граница е 5.