Опозиционерите обвинија дека за време неговото раководење, Кисела Вода е презадолжена, натрупана со смет и задушена од бетон, а долгот на општината зголемен за 40 милиони денари. Во однос на хаосот во Град Скопје, опозиционерите го обвинија Ѓорѓиевски дека ги организирал блокадите на „Комунална хигиена“, создавал паралелни синдикати во ЈСП „Скопје“, ширел паника за квалитетот на водата во главниот град и постојано влегувал во судир со градоначалничката Данела Арсовска
Откако Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ вчера одлучи Орце Ѓорѓиевски да биде кандидат на партијата за градоначалник на Скопје, опозицискиот СДСМ го обвини за лошо менаџирање на Општина Кисела Вода, каде што е актуелен градоначалник, но го посочи и за најдиректно одговорен за хаосот во Град Скопје бидејќи, како што велат од партијата, тој стои зад сите блокади и партиски битки од кои скопјани страдаат изминатите четири години.

СДСМ обвини дека за време неговото раководење, Кисела Вода е презадолжена, натрупана со смет и задушена од бетон, а долгот на општината зголемен за 40 милиони денари, достигнувајќи 146 милиони денари.
„Од буџетски средства се исплаќаат пријатели, роднини и партиски активисти. Најмалку 100 000 евра од општинските пари завршија на сметки на блиски луѓе на Ѓорѓиевски. Со пари на граѓаните тој си ја купува довербата и поддршката, тера лажен пиар и промоции. Со десетици ‘авторски’ договори со нему блиску партиски кадри и медиумски пропагандисти на ДПМНЕ, Ѓорѓиевски е пример како не треба да се работи. Општина Кисела Вода, во неговиот мандат стана симбол за урбан хаос – потпорниот ѕид во Пинтија се урна, улиците во Црниче, Бабин Дол и Припор останаа раскопани, планираните мегапаркови и катни гаражи никогаш не се реализираа. Релокацијата на Центарот за зависници и паркот на негово место останаа само празно ветување“,
велат од СДСМ.
Во однос на хаосот во Град Скопје, опозиционерите го обвинија Ѓорѓиевски дека ги организирал блокадите на „Комунална хигиена“, создавал паралелни синдикати во ЈСП „Скопје“, ширел паника за квалитетот на водата во главниот град и постојано влегувал во судир со градоначалничката Данела Арсовска.
„Најголемата негова ‘иницијатива’ беше да ја смени Арсовска од ЗЕЛС, а не да ја среди општината. Ѓорѓиевски е најдиректно одговорен за хаосот кој му се случуваше на Град Скопје. Тој стои зад сите блокади и партиски битки од кои четири години страдаат скопјани“,
додаваат од СДСМ.
Социјалдемократите повикаа дека Скопје не смее да стане поголема верзија на Кисела Вода, а оти градот не заслужува пион на Христијан Мицкоски.