Нема услов за претходно искуство, нема минимум приходи, нема проверка на реални капацитети. Наместо тоа, тендерот е шиење по мерка – не за полицијата, туку за партиските и бизнис-интереси блиски до ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ
Панче Тошковски продолжува со скандали и криминал – медиумите објавија сомнителен и криминален тендер вреден речиси 4 милиони евра, велат од СДСМ. Во соопштението од опозициската партија посочуваат дека тендерот е доделен на фирми кои немаат ни основни капацитети, ни релевантно искуство, а некои се формирани буквално 20 дена пред распишување на тендерот.
„Модното студио ’Ле Бранд Дизајн’ од Битола, кое последните години има просечен приход од 20.000 евра годишно и само двајца вработени, добива договор вреден 2.130.000 евра за шиење на специјални униформи, иако до вчера шиеле женски фустани. Фирмата ’Памитекс Тим’ е формирана 20 дена пред тендерот, без никаква историја на јавни набавки, без веб-страница, без контакт, со адреса во стан и непознато потекло на капацитети – добива тендер вреден 1.710.000 евра. Ова е класичен пример на тендерските мрежи на ДПМНЕ, тука мириса на корупција и злоупотреба на службена должност“,
велат од СДСМ.
Од СДСМ посочуваат дека министерството под водство на Тошковски намерно ги отстранило сите критериуми што би овозможиле транспарентна и правична конкуренција.
„Нема услов за претходно искуство, нема минимум приходи, нема проверка на реални капацитети. Наместо тоа, тендерот е шиење по мерка – не за полицијата, туку за партиските и бизнис-интереси блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Кој ќе ги шие униформите? ’Ле Бранд’ од битолската улица или некоја анонимна трета фирма? Каде завршуваат парите на граѓаните? Кој ќе одговара ако униформите не стигнат или ако бидат небезбедни и неупотребливи за полициските специјалци?“,
додаваат од СДСМ.
Од СДСМ бараат поништување на тендерот и отворање на, како што велат, транспарентна постапка со јасни и објективни критериуми, а Јавното обвинителство да отвори постапка за сомнеж за злоупотреба на службена должност, местење тендер и можно перење пари.
„360 степени“ објави дека модното студио „Ле бранд дизајн“ од Битола, кое последниве години има приходи од околу 20 илјади евра на годишно ниво и просечно два до три вработени, го добило делот за униформа во шара чија вредност може да достигне 2,13 милиони евра. Фирмата „Памитекс тим“, формирана 20 дена пред да се распише тендерот и со сопствеништво од Србија, го добила делот од договорот за еднобојни униформи вреден 1,7 милиони евра
Од МВР за „360 степени“ кажаа дека и двете фирми преку доставените мостри кои се барале во тендерската документација докажале дека поседуваат техничка способност да ги сошијат униформите. Додаваат и дека двете фирми ги исполниле условите пропишани во тендерот, кои патем, се поставени без услови за претходно искуство, број на вработени, минимален годишен приход или слично.