Со учеството на лидерската средба, според СДСМ, присутните ја поддржуваат и антиевропската кампања на власта за изолација на земјава, планот за предвремени парламентарни избори, кои според опозициската партија, ќе бидат без основни услови да бидат фер и демократски, како и реализација на планот „мигранти за пари“ по изборите
Опозицискиот СДСМ, кој одби да присуствува на денешната лидерска средба, смета дека сите претставници на партиите кои денеска ќе одат на средбата иницирана од премиерот Христијан Мицкоски се соучесници на, како што велат од партијата, легитимирање на криминалот и корупцијата на власта.

Со учеството на лидерската средба, според СДСМ, присутните ја поддржуваат и антиевропската кампања на власта за изолација на земјава, планот за предвремени парламентарни избори, кои според опозициската партија, ќе бидат без основни услови да бидат фер и демократски, како и реализација на планот „мигранти за пари“ по изборите.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна, на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“,
велат од партијата.
Денеска во Клубот на пратениците ќе се одржи лидерска средба иницирана од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според најавите, на средбата ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик, за укинување на техничката влада која се избира на 100 дена пред избори, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Своето присуство на средбата го потврдија опозициските Левица и ДУИ, а дека ќе учествуваат на средбата најавија и коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН и Движењето ЗНАМ. Лидерската средба ја поздравија и Либерално-демократската партија и ДОМ.
