СДСМ упатува апел до власта да престане со „политички манипулации дома“ и да ја запре „надворешната политика водена од дневнопартиски калкулации“

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска реагираше на потегот на Европската народна партија (ЕПП), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го „директен историски дипломатски пораз за Христијан Мицкоски и неговата партија“.
Според СДСМ, предлог-амандманот од ЕПП, кој предлага формулација „модерен македонски јазик“, претставува сериозен удар врз позициите на Северна Македонија и суштинско понижување за ВМРО-ДПМНЕ. Амандманот е поднесен од координаторот на ЕПП, Михаил Галер, член на германската ЦДУ, партија која ВМРО-ДПМНЕ ја смета за стратешки и идеолошки партнер.
„Наместо поддршка, од своите европски пријатели добија дипломатска шлаканица што го доведува во прашање влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во својата матична групација“,
наведуваат од СДСМ.
Партијата изразува загриженост што ЕПП најавила поднесување на истиот амандман и на пленарната седница, што укажува на координиран став во кој, како што велат, ВМРО-ДПМНЕ или учествува или молчи.
СДСМ дополнително предупредува дека извештајот на Европскиот парламент содржи клучни пораки кои ја разоткриваат вистинската слика за неработењето на новата власт во однос на ЕУ интеграциите, односно дека има јасен повик за итен напредок во уставните измени и реформите поврзани со ЕУ, како и загриженост за назадување во борбата против корупцијата и судската независност.
СДСМ упатува апел до власта да престане со политички манипулации дома и да ја запре надворешната политика водена од дневнопартиски калкулации.
„Дипломатијата не е театар за домашна употреба, а цената на ваквите авантури ја плаќа целата држава“,
потенцираат од СДСМ заклучувајќи дека ова не е само пораз за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, туку и нов аларм дека европскиот пат е сериозно загрозен со оваа власт.
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Во документот на неколку места има референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Гласањето за Извештајот во АФЕТ заврши со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“.
Преговорите беа тешки и долги, но имаме јасно мнозинство што зборува само за себе, изјави за „360 степени“ известувачот за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Томас Вајц, откако денеска во Комитетот за надворешни работи помина Извештајот за Северна Македонија, со неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.