Според владејачката партија дел од предложените кандидати на главниот политички опонент за во техничката влада се лични пријатели на Мицкоски, дел се кадри од времето на Никола Груевски за кои има поднесено кривични пријави, а дел се поранешни функционери во Град Скопје. Но, ниту еден од нив, велат од Бихаќка зад себе нема ниту еден резултат
Се тресеше гората во „белата палата“ и на крајот ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада понуди слаби и нестручни кадри, се вели во реакцијата на СДСМ откако синоќа Извршниот комитет на опозициската партија ги утврди своите кандидати на министри и дополнителни заменици министри за техничката влада.

Имињата на кандидатите синоќа во телевизиско интервју ги кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а неполни два часа подоцна по седницата на Извршниот комитет на партијата, потпретседателот Тимчо Муцунски потврди дека за технички министер за внатрешни работи го предлагаат Панче Тошковски, Ѓоко Велковски за труд и социјална политика, додека за дополнителен заменик-министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Според владејачката СДСМ, пак, дел од предложените кандидати на главниот политички опонент за во техничката влада се лични пријатели на Мицкоски, дел се кадри од времето на Никола Груевски за кои има поднесено кривични пријави, а дел се поранешни функционери во Град Скопје.
Но, ниту еден од нив, велат од Бихаќка, зад себе нема ниту еден резултат.
„Очигледно драмите околу техничката влада од страна на ДПМНЕ, прво дека нема да учествуваат, потоа дека нема потреба, па дека ќе учествуаат но нема да гласаат, се должат на личните хирови на Мицкоски и немањето кадровски потенцијал на опозицијата“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ нема никаква програмска понуда, а сега, со предложените кандидати, потврдила дека нема ниту кадровски потенцијал.
„Овие 100 дена на ДПМНЕ во техничката Влада ќе бидат единствената можност да бидат на власт и тоа само заради подготовка на изборниот процес, а потоа ќе се вратат назад во опозиција уште четири години“,
порачуваат од владејачката партија.

На новинарско прашање дали и како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе гласаат на седницата в недела, потпретседателот на партијата Муцунски изјави дека во врска со ова, партијата веќе го кажала својот став.
„Тоа го објавивме веќе пред неколку недели, по една претходна седница на Извршниот комитет каде што јавно кажавме дека ние нема да гласаме за поддршка на влада која што ја предводи лице предложено од страна на ДУИ. Ние нашите предлози, односно реализацијата на нашата законска обврска согласно Законот за влада ќе ја реализираме. Ние ќе ги дадеме нашите предлози за двајца министри и тројца дополнителни заменици министри, но поддршката на нашите пратеници согласно одлуките на органите на партијата таа влада нема да ја има“,
изјави Муцунски, а претходно во интервјуто за ТВ Телма и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кажа дека нивните пратеници нема да гласаат за техничка влада предводена од Талат Џафери.
Талат Џафери, како иден мандатар на техничката влада, вчера на брифинг со новинарите рече дека до Собранието ќе предложи целосен состав на новата влада ако од ВМРО-ДПМНЕ достават до него предлози за министри и дополнителни заменик-министри. За тоа, како што рече Џафери нема пречка бидејќи таков е законот. Изјавата на Џафери доаѓа наспроти онаа на премиерот Димитар Ковачевски, кој пред пет дена рече дека министерските и дополнителните заменик-министерски места кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Џафери вчера денеска ги истакна и роковите и динамиката на работа на Собранието кои почнуваат да течат од денеска утре, а треба да завршат до 28 јануари на полноќ, до кога треба да биде избрана техничката влада.
Денеска тој и премиерот Димитар Ковачевски треба да ги поднесат оставките на функциите, за да се отвори патот за одржување на на седница за нивно констатирање и за известување на претседателот на државата дека Владата е во оставка.
Седницата за констатирање на оставките, како што рече вчера Џафери, ќе се одржи утре (26 јануари, а пред да се гласа дневниот ред ќе биде предложена нова точка – избор на претседател на Собранието.

За претседател на Собранието, како што е договорено, треба да биде избран актуелниот координатор на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски.
Истиот ден претседателот на државата Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за премиер на техничката влада и роковите ќе почнат да течат.
Како иден мандатар Џафери в сабота претпладне треба да достави програма и состав на владата, по што следниот ден ќе се одржи седницата на којашто најдоцна до полноќ треба да се избере техничката влада.
Техничката влада на 100 дена пред изборите беше воведена со консензус на партиите пред осум години, по кризата која доведе до предвремените парламентарни избори во 2016 година. Техничката влада на чело со Џафери ќе биде трета оттогаш наваму, по онаа на Емил Димитриев во 2016 година и на Оливер Спасовски во 2020 година.