Од владејачката партија велат оти лидерот на СДСМ, Венко Филипче целосно ја ставил на располагање партијата и на друга држава
Венко Филипче прифатил безусловно да биде маша за бугарските интереси и позиции во Македонија, обвини денеска од партиската говорница пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков. Тој вели оти лидерот на СДСМ и неговата партија не се автентични, но и дека целата стратегија и приод на опозициската партија, го имаат оставено на соседна Бугарија.

Дополнително, вели, фрапантна е леснотијата со која СДСМ се ставила во целосна служба на бугарските агенции и интереси и оти тие во еден глас ја пренесуваат нивната пропаганда.
„Во периодот што следува ќе гледаме многу фабрикувани вести, лажни документи и изнудени реакции. Македонија, а пред се премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се под удар на хибридни операции водени од страна, а извршени од СДС. ВМРО-ДПМНЕ ги препозна нападите и успешно ги отфрли. СДС се демаскирани“,
вели Лефков.
Лефков рече и оти сомнежите се дека финансиер на ваквите операции се голема земја од истокот, која според него има силно влијание и во Бугарија и оти разочарува фактот што во битката за власт, СДСМ целосно се ставила на располагање на центри кои не и мислат добро на земјава.