Владејачката партија СДСМ вели дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја оддалечувала земјата од евроатлантските интеграции и ја претворила во заробена држава, изолирана од меѓународната заедница.
„Храброста, визијата и државничките политики на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, доведоа до потпишување на договорот од Преспа, со кој се реши тридеценискиот спор за името со Грција, историско решение за отворање на иднината на нашата татковина. Сега Република Северна Македонија е 30-та членка на НАТО. ЕУ донесе позитивна одлука за започнување на преговори за членство на Република Северна Македонија во унијата. Само на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им пречеше што државата конечно тргна напред и стави крај на темното минато, на режимот и изолацијата“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Според нив, лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ е во тоа што новото име не им пречи кога пратеници добиваат плати од Собранието на Република Северна Македонија.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се закануваа дека ќе го поништат Договорот и со тоа директно ќе го загрозат членството во НАТО и процесот за зачленувањето во ЕУ. Со силна поддршка од граѓаните на исправните политики на СДСМ, деструктивните обиди за блокирање и кочење на напредокот од страна на ВМРО-ДПМНЕ не успеаја. Нема да им успеат ниту обидите за враќање на државата назад во времињата на режим и изолации“,
се вели во соопштението.
