Опозиционерите обвинија дека со тоа што го вперува прстот кон други за актуелната состојба со депониите во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски признава дека не само што неговата партија не ги исполнила ветувањата за Вардариште и „Дрисла“ туку не направила ништо за скопјани и ги оставила да се трујат
Опозицискиот СДСМ го прозва премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека токму неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ управува со Јавното претпријатие „Дрисла“, заедно со ДУИ. Ова следува откако претходно денеска, говорејќи за ситуацијата со „Дрисла“, Мицкоски го впери прстот во опозициската Демократска унија за интеграција, велејќи дека секаде каде што тие имаат кадар на раководните позиции се случуваат вакви работи.

„Токму Даме Димитровски, актуелниот советник на Мицкоски за животна средина во Владата и поранешен претседател на Комисија за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ, е претседател на Управен одбор на ‘Дрисла’. Претходно ВМРО-ДПМНЕ имаше и директор на ‘Дрисла’, Јане Мицевски, магистер за туризам и менаџмент“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија дека со тоа што го вперува прстот кон други за актуелната состојба со депониите во Скопје, Мицкоски признава дека не само што неговата партија не ги исполнила ветувањата за Вардариште и „Дрисла“ туку не направила ништо за скопјани и ги оставила да се трујат.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно денеска, говорејќи за пожарот на депонијата „Дрисла“, рече дека е симптоматично тоа што вакви работи се случуваат во јавни претпријатија каде што свои кадри на раководните позиции има ДУИ.