Владата на седница пред два дена го усвои предлог-буџетот за 2026 година, според кој се проектира раст на Бруто-домашниот производ (БДП) од 3,8 отсто, инфлација од 2,5 отсто и буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП

По усвојувањето на предлог-буџетот за 2026 година, СДСМ изразува сериозна загриженост за насоката по која се движи фискалната политика и нејзините последици врз граѓаните и стопанството. Наместо ветената „строга фискална дисциплина“, Владата предлага дефицит од 3,5% од БДП и со тоа повторно директно го прекршува фискалното правило утврдено во Законот за буџети, кое поставува лимит од 3%. Не станува збор за дисциплина, туку отстапување од законската рамка што ќе ја платат граѓаните и економијата, реагираат од најголемата опозициска партија.
„Особено е проблематично што Владата буџетската рамка од 374,7 милијарди денари приходи и 413,9 милијарди денари расходи ја нарекува развојна, а истовремено ги намалува капиталните инвестиции. Со предлог-буџетот за 2026 година тие се планираат на 40,5 милијарди денари, речиси 7 милијарди помалку од 47,3 милијарди денари кои беа утврден со ребалансот за 2025 година. На денот на усвојување на предлог-буџетот, реализацијата на капиталните расходи изнесува само 44,94%. Со екстремно слаба реализација, тврдењето дека капиталните проекти ќе бидат главен двигател на растот во 2026 година е контрадикторно и признание за неспособност“,
посочуваат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека проекцијата за раст на економијата (БДП) од 3,8% дополнително ја разоткрива суштината на промашените фискални политики на Владата.
„Станува збор за проекција базирана на потрошувачка, поддржана со најавено зголемување на плати и пензии. Кога ова се случува во услови на намалени капитални расходи и во отсуство на структурни реформи, тогаш оправдано се поставува прашањето: дали се најавува уште една година во која економските промашувања се маскираат со краткорочни, популистички потези? Оваа буџетска стратегија за наредната година нема да донесе корист ниту за граѓаните, ниту за стопанството, затоа што ова ќе значи повисоки трошоци за камати, ново задолжување, притисок врз даночната база и истиснување на продуктивните инвестиции. Загрозената продуктивност на стопанството ќе донесе само повисоки цени на услуги и производи, односно намалена можност за реално зголемување на животниот стандард на граѓаните. Зголемените платите и пензиите ќе потонат во растечката месечна потрошувачка за основните животни потреби“,
велат од СДСМ.
Владата на седница пред два дена го усвои предлог-буџетот за 2026 година според кој се проектира раст на Бруто-домашниот производ (БДП) од 3,8 отсто, инфлација од 2,5 отсто и буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП.
Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, додека вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 39,2 милијарди денари или 3,5 проценти од БДП што, како што изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, е намалување за 0,5 процентни поени во однос на 2025 година согласно конзистентноста на фискалната стратегија.
Капиталните инвестиции се проектирани на 40,5 милијарди денари, односно 650 милиони евра.
