Според Битиќи, намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13 отсто пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства
Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата денеска во Собранието поднесе измени на Законот за ДДВ со кои предлагаат намалување на данокот за електрична енергија од 18 на 5 отсто, како и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи.
Со оваа мерка, како што вели пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи значително ќе се намалат сегашните високи сметки за електрична енергија кои во јануари се повисоки за 20 до 30 отсто.
Според Битиќи, намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13 отсто пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства.
„За сметка од 3 000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што, наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети“,
рече Битиќи на денешната прес-конференција.
Укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи, според Битиќи, ќе доведе до нивно намалување за пет проценти.
Тој посочи дека и покрај тоа што Владата го формираше специјализирано Министерство за енергетика, сепак, како што рече, минатата година ова министерство има реализирано само 50 отсто од планираните капитални инвестиции, а домашното производство на струја не се зголемува.
„Домашното производство на енергија не расте, што нè прави уште позависни од скап увоз. Во ноември, планираниот увоз на струја од соседните земји беше 0 гигават-часови, но реално беа увезени 351,3 гигават-часа. Истото се повтори во декември, кога планираниот увоз повторно беше 0, а се увезоа 425,7 гигават-часа“,
рече Битиќи.
Битиќи рече дека со поднесувањето на овој предлог-закон, кој е по скратена постапка, почнува системска реализација на мерките на СДСМ, што директно ќе придонесат за олеснување на финансискиот товар на граѓаните.
Пратениците од СДСМ ја повикаа Владата да го прифати предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ на струја од 18% на 5%, за да им се помогне на граѓаните да го пребродат овој тежок период.