„Значи, откако ќе ја ограби Македонија, ќе ја изолира од европскиот пат, ќе го постави своето судство и обвинителство, и ќе ја доведе државата до економски и институционален колапс, сака мирно да си замине и да се врати во академска кариера? Нема да биде така! Мицкоски не може да си замине како да не се случило ништо“, се вели во реакцијата од опозициската партија
Мицкоски денеска изјави дека нема намера да се кандидира за претседател на државата на следните претседателски избори. Одговарајќи на новинарско прашање за новиот Изборен законик при посетата на Општина Кисела Вода, тој рече дека не се точни тврдењата дека измените со кои се овозможува електронско гласање на дијаспората се поврзани со негова можна кандидатура за претседател на изборите во 2029 година
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) преку соопштение реагираат на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека нема намера да се кандидира за претседател на државата во 2029 година и дека по завршувањето на мандатот планира да се врати на факултет, оценувајќи дека тој не може да се повлече од политиката без да понесе одговорност за политиките и состојбите во државата за време на неговото владеење.

„Значи, откако ќе ја ограби Македонија, ќе ја изолира од европскиот пат, ќе го постави своето судство и обвинителство, и ќе ја доведе државата до економски и институционален колапс, сака мирно да си замине и да се врати во академска кариера? Нема да биде така! Мицкоски не може да си замине како да не се случило ништо“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму тврдат дека актуелната власт ја оддалечува државата од европските интеграции и најавуваат дека во иднина ќе се бара одговорност за носителите на јавни функции.
„Не може да си оди во пензија или на факултет откако ја доведе Македонија во најтешка изолација во последните децении, откако ја блокираше европската перспектива и откако ја претвори државата во плен на организирана криминална група. Времето на вистината и правдата доаѓа. Доаѓа моментот кога Македонија ќе се врати на европскиот пат, кога обвинителството ќе биде европско и независно, и кога ќе се бара одговорност од оние кои ја уништија државата“,
додаваат од опозицијата.
Во реакцијата партијата повторува дека Мицкоски ќе треба да одговара за политиките што ги спроведува актуелната власт.
„А ние знаеме точно кој е шефот на оваа организирана криминална група која себе си се нарекува ВМРО. Мицкоски може да сонува за враќање на факултет. Реалноста е дека пред тоа ќе мора да одговара за она што го направи со Македонија и со македонскиот народ. Освен ако не мисли на онаа: ‘Затворите се нашите универзитети!‘“,
велат од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема намера да се кандидира за претседател на државата на следните претседателски избори. Одговарајќи на новинарско прашање за новиот Изборен законик при посетата на Општина Кисела Вода, Мицкоски рече дека не се точни тврдењата дека измените со кои се овозможува електронско гласање на дијаспората се поврзани со негова можна кандидатура за претседател на изборите во 2029 година.
Посочи дека не планира да влезе во претседателската трка и ги отфрли шпекулациите дека изборните измени се прават поради таква намера.
„Еве да им олеснам, нема да се кандидирам. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата, се враќам на факултет меѓу студентите. Немам таква амбиција, ниту желба. Нека овозможат на дијаспората да го оствари своето право на електронски начин, и тоа почнувајќи од следните претседателски избори во 2029 година“,
рече премиерот.
