„Филипче и СДС го избраа антидржавниот, бугарски пат. Наместо да застанат на страната на Македонија, тие испраќаат јасна порака дека доколку дојдат на власт би ги спровеле уставните измени и би прифатиле политики кои се во согласност со барањата на Бугарија. Откажување, попуштање и тргување со најважните национални прашања“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ

Венко Филипче чекори по стапките на Зоран Заев, подготвен е да ги исполни бугарските барања на штета на Македонија. Вака реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на лидерот на опозицискиот СДСМ, Филипче, на која обвини дека власта свесно не ги спроведуваат уставните измени, со тоа блокирајќи го европскиот пат на земјата.
„Венко Филипче повторно докажа дека е спремен да ја продолжи политиката на Зоран Заев, а тоа е политика на попуштање пред Бугарија и прифаќање на барања кои директно задираат во македонските национални и државни интереси. Новиот премиер на Бугарија, Румен Радев, не е непознат фактор во бугарската политика. Неговите ставови кон Македонија, македонскиот јазик, македонскиот народ, идентитет и историја се добро познати. Тој и досега јасно покажал дека Бугарија нема намера да отстапи од своите позиции, ниту пак да се повлече од условувањата кон Македонија. Напротив, очигледно е дека официјална Софија ќе продолжи со притисоци и блокади секогаш кога тоа ќе ѝ одговара“,
рече Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски рече дека во такви околности кога, според него, потребна е јасна осуда и цврст став во одбраната на македонските интереси, Венко Филипче избрал спротивен пат.
„Филипче и СДС го избраа антидржавниот, бугарски пат. Наместо да застанат на страната на Македонија, тие испраќаат јасна порака дека доколку дојдат на власт, би ги спровеле уставните измени и би прифатиле политики кои се во согласност со барањата на Бугарија. Откажување, попуштање и тргување со најважните национални прашања. Филипче и СДС немаат проблем со овие предавства, заради лични и финансиски интереси. Тоа што Зоран Заев го започна, Венко Филипче очигледно е подготвен да го доврши“,
рече тој.
