Опозиционерите обвинија оти актуелната власт е неспособна за подобрување на животниот стандард, дека нема план и економска политика, ниту дека ги слуша барањата на синдикатите за поголеми плати
Опозицискиот СДСМ најави дека повторно ќе го поднесе предлог-законот со кој бара мининималната плата во државата да изнесува 500 евра, откако синдикатите пред неколку дена повторно го објавија ваквото барање.

Од партијата велат дека ја изразуваат целосната поддршка на синдикатите, но дека барањето за минималец од 500 евра не е само барање на работниците, туку е неопходна мерка што ќе им го олесни животот на многу семејства.
„Веќе еднаш ги поднесовме законските измени за поголема минимална плата и за покачување на сите плати, но ВМРО-ДПМНЕ ги одби. Ние нема да се откажеме. СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минималната плата од 500 евра. За достоинствен живот и за фер плати. Ќе видиме кој ќе гласа ‘за’ народот, а кој повторно ќе го сврти грбот на народот. СДСМ е и ќе остане гласот на работниците, на сите граѓани“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија оти актуелната власт е неспособна за подобрување на животниот стандард, дека нема план и економска политика, ниту дека ги слуша барањата на синдикатите за поголеми плати.
Пред два дена претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, објави дека до пратениците во Собранието е поднесено барање за итно зголемување на минималната плата на 500 евра – нешто што, како што вели, е оправдано и потребно.