Спасовски вели дека СДСМ ги слушнал забелешките од парламентарното мнозинство за поголема прецизност, подобра проценка на фискалните импликации и технички корекции, и ги вклучил во новото законско решение

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и коалицијата денеска по втор пат го поднесоа предлог-законот за поддршка и рехабилитација на настраданите во трагичната несреќа во дискотеката во Кочани, овој пат по редовна собраниска постапка.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, истакна дека ова не е политички, туку човечки закон, кој не смее да биде предмет на дневнополитички калкулации. Според него, законот е одраз на општествена совест, морална обврска и праведна грижа кон оние што најмногу страдаат.
„Во оваа трагедија изгубивме 62 млади животи, над 200 наши сограѓани се повредени и некои од нив имаат и трајни последици, тие не можат да чекаат, ниту да бидат заборавени“,
рече Спасовски.
Предлог-законот, како што рече Спасовски, предвидува конкретна финансиска, здравствена и социјална поддршка за настраданите лица и членовите на нивните семејства. За семејствата на починатите е предвиден надомест од 80 илјади евра, додека за лицата со повреди сумата ќе зависи од степенот на инвалидитет. Законот исто така предвидува олеснување на пристапот до институциите за здравствена, социјална, психолошка и трудова поддршка.
Претходниот обид за носење на законот по скратена постапка не доби поддршка од парламентарното мнозинство. Спасовски вели дека СДСМ ги слушнал забелешките за поголема прецизност, подобра проценка на фискалните импликации и технички корекции, и ги вклучил во новото законско решение.
Спасовски нагласи дека сега постои можност за дебата и доуредување на законот преку амандманска работа во редовна постапка. Тој апелираше до сите пратеници, без разлика на партиската припадност, да покажат зрелост, емпатија и хуманост.
„Не можеме да прифатиме една работа, а тоа е одложувањето и игнорирањето на овој проблем. Веќе неколку месеци по несреќата луѓето не можат да чекаат без поддршка, ниту, пак, родителите. Повредените лица не се само статистика, тоа се млади луѓе, ученици, тоа се семејства чиишто животи се прекинати и нивната борба за закрепнување треба да биде борба на сите нас“,
додаде Спасовски.
Претходниот пат кога СДСМ го поднесе овој предлог-закон кој се однесува на обезбедување помош за семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани, не ја доби потребната поддршка од пратениците за да се најде на дневен ред на собраниска седница.
Предлогот за дополнување на дневниот ред со оваа точка, која од собраниската говорница ја образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, доби 18 гласа „за“, еден „воздржан“ и ниеден „против“, по што собранискиот спикер Африм Гаши констатира дека предлогот не е усвоен.