Владејачката партија СДСМ смета дека по стабилизирањето на земјата од епидемијата од ковид-19, потребни се избори со цел институциите да може добро да функционираат.
„Веднаш штом здравството и епидемиолозите потврдат дека вирусот е под целосна контрола, треба да продолжи изборниот процес и изборните дејствија, онаму каде што застана на 12 април за веќе закажаните избори“,
велат од СДСМ.
Тие сметаат декаво демократијата, Собранието треба да ја контролира извршната власт и да биде на располагање за нови одлуки, со полн мандат од граѓаните.
„Тоа е причина повеќе да продолжиме по патот на обезбедување на новата нормалност, која веќе сите ја живееме. Одговорноста на политичките партии и на институциите е да направат се, колку може побрзо да го обезбедиме нормалното секојдневие на граѓаните“,
сметаат социјалдемократите.
Според нив, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски ја потцениле епидемијата и тоа го посочуваат како причина што сега се одбегнува дебатата за одржување на парламентарните избори.
„Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажаа крајно неодговорно однесување во клучните моменти за здравјето на македонските граѓани. Тие се свесни за тоа и затоа бегаат од демократски мегдан. Тоа е причината поради којашто не сакаат функционално Собрание, нормализирање и избори“,
велат од СДСМ.