Потегот со најава за оставка на Заев демотивира. Владата е стабилна и има стабилно парламентарно мнозинство и тоа треба да се кажува, вели претседателот на ДС и коалициски партнер на СДСМ за „Утрински брифинг“
Неединството во СДСМ е една од причините за изборниот пад на владејачката партија, според претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, коалициски партнер на социјалдемократите. Во гостување во „Утрински брифинг“, Трајанов оценува, исто така, дека анкетите на јавното мислење целосно потфрлија.
„Анкетите целосно потфрлија со проценките. Но, гласањето е реален одраз на определбата на граѓаните. Причините за потфрлањето на коалицијата и на СДСМ мислам дека пред сѐ е резултат на внатрешното неединство во партијата. Се зборуваше дека скопскиот огранок нема да го поддржи СДСМ. Се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ знаат да се обединат секогаш кога се гласа. Кај СДСМ, поради поширокиот демократски идентитет, потфрлија. Кога СДСМ владее, тие се опуштени. Кај ВМРО-ДПМНЕ никогаш не е така“,
вели Трајанов.
Според него, анализите покажуваат дека активисти и членови на СДСМ не излегле на гласање. Можен е, оценува, пресврт на 31 октомври.
„Анализите покажуваат дека активисти и членови на СДСМ не излегоа на гласање. Можен е и пресврт во вториот круг. СДСМ има 23 коалициски партнери кои беа пасивни во првиот круг, сега треба да излезат на гласање и да се обединат. Разликата е мала. Пред вториот круг има кампања која е манипулација, дека ние не избираме локална туку централна власт. Мислам дека Заев може внатре да ги отвори прашањата околу кадровски промени и предвремени избори, но сега не треба да се зборува за тоа затоа што ги демотивира неговите гласачи. Потегот со најава за оставка на Заев демотивира. Владата е стабилна и има стабилно парламентарно мнозинство и тоа треба да се кажува“,
вели Трајанов.