Според наводите на опозиционерите, постојат индиции дека во периодот од 2017 година наваму, преку меѓународна мрежа на трансакции, биле префрлени околу 2,85 милиони евра од странство кон Македонија, кои потоа завршувале во телевизија Алфа. Средствата, како што тврдат од СДСМ, биле прикривани преку фиктивни договори за маркетинг и реклами со компании кои немаат реална економска активност на македонскиот пазар
Опозицискиот СДСМ денеска до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против унгарските сопственици на телевизија Алфа поради сомнежи за организирана шема на перење пари, даночно затајување и фалсификување деловни книги. Пријавите се поднесени против повеќе физички и правни лица, меѓу кои и Питер Шац, мнозински сопственик на телевизија Алфа, како и управителите на „Таргет медиа“ и „Алфа Скоп“ ДОО.

Според наводите што денеска на прес-конференција ги изнесе генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, постојат индиции дека во периодот од 2017 година наваму, преку меѓународна мрежа на трансакции биле префрлени околу 2,85 милиони евра од странство кон Македонија, кои потоа завршувале во телевизија Алфа. Средствата, како што тврдат од СДСМ, биле прикривани преку фиктивни договори за маркетинг и реклами со компании кои немаат реална економска активност на македонскиот пазар.
„Преку т.н. ‘shell’ компании се заобиколувале законите за транспарентност на медиумската сопственост и финансирање. Финансиската полиција веќе констатирала дека се работи за ‘сомнителни маркетиншки услуги’ со цел прикривање на потеклото на парите. Постојат основани сомнежи дека биле склучувани нелогични договори и внесувани невистинити податоци во деловните книги, со цел легализација на сомнителен капитал“,
рече генсекот на СДСМ на денешната прес-конференција.
Димитријевиќ додаде дека за случајот имало започнато постапка, која, како што рече, очигледно се држи во фиока. Ги повика Обвинителството и сите други институции да постапат итно и неселективно, да обезбедат докази за случајот, да ги замрзнат сомнителните текови на пари и да ја утврдат целосната одговорност.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пред неколку дена влезе во директен судир со новинар од телевизија Алфа тврдејќи дека дејствувањето на медиумот е директно поврзано со политички центри во Унгарија и интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Филипче рече дека паниката кај одредени медиумски куќи доаѓа по промената на власта во Унгарија и најавите на новиот унгарски премиер за испитување на бизнис-релациите на Виктор Орбан во регионот.
