Од Град Скопје, пак, од утрово се пофалија со дел од реализирани ветувања. Меѓу нив се поевтинувањето на паркингот од страна на Јавното претпријатие „Градски паркинг“, чистењето на 120 диви депонии мапирани во текот на кампањата, како и како и поставувањето на бројчаници на семафорите, на крстосниците каде не се следи движењето од ЦУКС и враќање на зелениот бран

Шахта и тоалет за подарок доби градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска од СДСМ за нејзините 82 дена од мандатот прозивајќи ја дека речиси ништо не сработила од ветеното.
„На 82. ден од мандатот на градоначалничката Данела Арсовска од ВМРО-ДПМНЕ ова е нејзиниот отчет: Тоалет. Ова е единствениот нејзин проект. А да се извинувам, и една нивелација на шахта. Толку. После 82 дена едно е јасно: Данела Арсовска е најнеуспешниот градоначалник којшто го имал Скопје. Нема реализирано речиси ништо од она што го вети пред граѓаните. Нема бесплатен јавен превоз, нема пет нови мега паркови, не се чисти, депониите си стојат, нема помош за Скопјани сред енергетската криза, нема проекти. Не успеа ниту да ги врати бројчаниците на семафорите, ветување што го даваше пред граѓаните.Има само партизација и полнење на градските претпријатија со кадри на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече денеска Петар Петковски од младинската организација на СДСМ на прес-конференција пред седиштетот на Град Скопје.
Дел од герила-акцијата на младите социјалдемократи беа и автобуси-играчки со плакат „Повелете бесплатен превоз“.

Од Град Скопје, пак, од утрово се пофалија со дел од реализирани ветувања. Меѓу нив се поевтинувањето на паркингот од страна на Јавното претпријатие „Градски паркинг“, чистењето на 120 диви депонии мапирани во текот на кампањата, како и како и поставувањето на бројчаници на семафорите, на крстосниците каде не се следи движењето од ЦУКС и враќање на зелениот бран.

„За речиси два месеца со заедничка активност на градот Скопје и дел од скопските општини, исчистени се над 120 мапирани депонии за време на предизборната кампања. Засилени се контролите на инспекторатот и за првпат се изречени големи казни за загадувачите на животната средина и оние кои ги загрозуваат безбедноста и здравјето на граѓаните. Чистењето продолжува и понатаму бидејќи секојдневно граѓаните пријавуваат обиди за создавање нови депонии. Инспекциските служби засилено работат на терен, со цел сите да ги почитуваат законите и нема да има никакви отстапки за загадувачите“,
рекоа од Град Скопје.
За поставувањето бројчаници, пак, од кабинетот на Арсовска велат дека истите ги има на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ на семафорот на крстосницата со „Натанаил Кучевишки“, како и на крстосницата со „Боца Иванова“ и на крстосницата со булевар „Босна Херцеговина“. Бројчаници, велат од Град Скопје ќе се постават дополнително и на уште неколку семафори за кои е детектирано дека се од важност за регулирање.