Од владејачката партија велат дека денеска се потврдило дека „лагите на Мицкоски и на Апасиев и нивните обиди да ја закочат земјата не проаѓаат во Собранието“
Се потврди она што го говоревме, изјавите дека пратеник бил киднапиран беа несериозни, неодговорни односно чиста невистина, реагираа денеска од СДСМ, по појавувањето ан пратеникот Кастриот Реџепи од Беса во парламентот, нагласувајќи исто така дека партијата е отворена за соработка со сите демократски сили и пратеници.
„Лагите на Мицкоски и на Апасиев и нивните обиди да ја закочат земјата не проаѓаат во Собранието и тоа е добрата вест. Ја поздравуваме најавата на господинот Кастриот Реџепи, мнозинството пратеници се за напредок, за задржување на вистинскиот пат, за продолжување на европските интеграции, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи, за економска сигурност. СДСМ е отворена за соработка со сите демократски сили и пратеници, заедно да обезбедиме продолжување на напредокот на земјата. Стабилноста на земјата е обезбедена. Народот може да биде спокоен“,
се наведува во партиското соопштение.
Реџепи, на денешната прес-конференција, рече дека ќе дејствува како дел од владејачката коалиција, бидејќи, иако Беса соопшти дека излегува од Владата и министерот Аријанит Хоџа и двајцата заменик-министри поднесоа оставка, пратеникот тврди оти и за тоа е потребна одлука на Централниот одбор.
По најавата на Реџепи дека останува дел од владејачката колаиција, мнозинството во Собранието сега, практично, брои 60 пратеници, така што Заев денеска го покани на разговори лидерот на Алтернатива Африм Гаши, чија партија има четворица членови во законодавниот дом.