Коментирајќи го барањето на фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ за извинување поради нарушување на угледот, од опозициската партија тврдат дека сите наводи што ги изнеле се вистинити, јавно достапни и може да се проверат
Фирмата со 51 тендер и 16 милиони евра може да се обрати до Јавното обвинителство и оттаму да бара извинување – велат од Антикорупцискиот тим на СДСМ откако фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ вчера од опозициската партија побара да се извини поради, како што наведоа, селективното прикажување факти за нејзиното работење и нарушување на нејзиниот углед.

СДСМ изминатиов период на прес-конференции обвинува дека фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ добила 51 тендер од општините кои се раководени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително обвинија дека сопственикот на фирмата, извесен Петар Доновски, бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ.
Коментирајќи го барањето на „Пирамид билдинг солушнс“ за извинување поради нарушување на угледот, од опозициската партија тврдат дека сите наводи што ги изнеле се вистинити, јавно достапни и може да се проверат.
„Дали тендерската мрежа на Доновски е проширена и со други семејни и партнерски фирми? Неговата сопруга, Оливера Доновска, е сопственичка на три фирми – ‘Дајмнод инвести’ ДОО Гостивар, ‘Тргострој’ ДОО Скопје и ‘Аксес инжерениг груп’ ДОО увоз-извоз Скопје. ‘Аксес инженеринг груп’ ДОО увоз-извоз Скопје е основана во март 2019 со Филип Гулевски, со адреса булевар ‘АСНОМ’ бр.68/3-21, Скопје. Истиот тој Филип Гулевски од ноември 2021 е газда и на ‘Аксец констракшн груп’ увоз-извоз Скопје, регистрирана на истата таа адреса“,
велат од СДСМ.
Оваа фирма, како што тврди опозициската партија, на 4 декември лани добила тендер за проектирање и изведба на спортски сали во Крушево и во Аеродром во вредност од 1,1 милион евра.
„Дали е ова случајност? Дали е ова клевета и нарушување на углед или е ова уште еден доказ за тендерските шеми на едни исти поединци од ВМРО-ДПМНЕ?“,
велат од СДСМ.
Компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ вчера преку писмено соопштение до медиумите ги отфрли обвинувањата на СДСМ, оценувајќи ги за селективно и тенденциозно прикажување на податоци кои имаат за цел нарушување на угледот и репутацијата на фирмата. Оттаму побараа јавно извинување во рок од 24 часа, а во спротивно, како што наведоа, ќе ги искористат сите правни механизми за заштита на своите права.
