Според Кузеска, македонското небо е под ризик, а власта била глува на предупредувањата на контролорите на летање дека клучната опрема, вклучувајќи ги радарите и софтверот, е на работ на функционалност

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја обвини власта дека ја загрозува безбедноста на авиосообраќајот поради партиски вработувања во М-НАВ.
Портпаролката Богданка Кузеска на денешната прес-конференција, рече дека расипаниот радар во контролата на летање е последица на „насилното вдомување на партиски кадри“ во една од најважните институции за безбедноста на сите. Таа тврди дека наместо професионалци, на клучни позиции се вработуваат луѓе по партиска линија, што доведува до хаос и импровизација.
Според Кузеска, македонското небо е под ризик, а власта била глува на предупредувањата на контролорите на летање дека клучната опрема, вклучувајќи ги радарите и софтверот, е на работ на функционалност.
„Новото раководство вети дека наскоро ќе се инсталира целосно нов систем, но тоа не се случи. Сега ќе понесе ли некој одговорност од власта?“,
праша Кузеска.
Таа додаде дека оваа состојба изложува на ризик и граѓани и патници, а Македонија изгледа несериозно пред светот.
„Институцијата што треба да биде симбол на професионализам е сведена на партиска филијала. Ова е истиот модел кој го гледаме насекаде, од здравството, до образованието, до јавните претпријатија“,
изјави таа.
Кузеска упати и низа прашања за тоа кој ќе ја преземе одговорноста за расипаниот радар и до кога безбедноста на граѓаните ќе зависи од, како што рече, импровизациите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Уште колку институции ќе паднат во колапс пред ВМРО-ДПМНЕ да признае дека нивниот модел на владеење е опасен и погрешен?“,
рече Кузеска.
Вчера дел од медиумите објавија дека е расипан радар на М-НАВ на аеродромот во Скопје и дека од вчера наутро контролорите на летање не можат да ги гледаат авионите на мала висина кога слетуваат.
Директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, ја потврди информацијата дека радарот е расипан и посочи дека работата се одвива тековно, но со побавно темпо.
Од Македонската навигација денеска рекоа дека се работи на отстранување на дефектот на еден од радарите на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и додаваат дека во моментов оваа околност нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на авиосообраќајот.