Од опозициската партија бараат итна реакција од сите надлежни институции за да се утврди одговорноста за неисплатените плати, како и да се обезбеди итна финансиска поддршка за погодените семејства
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) попладнево упати критики до власта поради, како што велат од партијата, катастрофалните економски политики, а повод за реакцијата на социјалдемократите овој пат е отпуштањето стотина текстилни работнички и работници од фабриката „Артекс“ во Кочани.

Оттаму велат дека во изминатиот период постојано се случуваат нови отпуштања на работници, кои ги губат своите работни места и остануваат без егзистенција.
„Последниот случај е отппуштањето на 100 текстилни работнички и работници од текстилната фабрика ‘Артекс’ кои останаа без работа и тоа без исплатени две плати. Работници со децении стаж, кои целиот живот го поминале во фабриките, со солзи во очите сведочат дека остануваат без ништо, a владата на (Христијан) Мицкоски не презема ништо“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Пред само неколку недели, додаваат од опозициската партија, се случи отпуштање на работници од „Бехтел и Енка“, која ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, а неколку компании ги затворија своите погони во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ).
„Уште еден пораз на катастрофалните економски политики на Владата на Мицкоски. Последните податоци на Заводот на статистика покажуваат дека бројот на работниците во индустријата во февруари 2026 е намален за 3,4% во споредба со истиот месец лани. Ова е реалноста со Мицкоски денеска: затворени фабрики, отпуштени работници, неплатени плати. Владата на Мицкоски не работи за граѓаните, туку за тесни бизнис интереси. Работниците се оставени сами на себе. Со овие политики сиромаштијата ќе расте“,
велат од Бихаќка.
Од опозициската партија бараат итна реакција од сите надлежни институции за да се утврди одговорноста за неисплатените плати, како и да се обезбеди итна финансиска поддршка за погодените семејства.
Кочанската текстилна фабрика „Артекс“, како што објави денеска Телевизија Телма, изминатата недела инфромирала околу 100 работници дека фабирката ќе се затвори, по што вчера им биле дадени и спогодбени отказни решенија. Работниците, според информациите на телевизијата, не ги потпишале решенијата по консултациите со трудовите инспектори.

Ангел Димитров од Организација на работодавачи вели дека статистичките податоци покажуваат дека во 2025 година падот на бројот на вработени во проиизводство на облека е 8,9 проценти. Според него има три причини за тоа.
„Едната причина е кризата во Европа и падот на побарувачката на текстилни прозиводи, како еден вид на луксузни производи. Втората е губење на конкрентската способност со порастот на платите кај нас, ние станавме скапи за таков вид на дејност и затоа партнерите отидоа за Бангладеж, Индонезија, во Тунис итн. Третата причина е што имаме многу силен денар, фактички курсот на денарот не одговара за извоз, бидејќи нашите компании добиваат многу малку денари, во однос да речеме колку би требало да биде реалниот курс“,
вели Димитров за Телевизија Телма.
