Таканаречените протести, наменети единствено за спас на двоецот Груевски – Мицкоски, нема да ги спасат од одговорност криминалците во редовите на опозициската партија, реагираат од „Бихаќска“
Колкаво е лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ кон правдата доволно зборува тоа што денешните протести ги предводеше и се обрати лице осудено за насилство и кое билo дел од судски процеси, раегираше владејачкиот СДСМ откако голем група приврзаници на опозицијата протестираа вечерва пред Владата, каде што стигнаа со автомобили.
„Таканаречените протести, наменети единствено за спас на двоецот Груевски – Мицкоски на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, нема да ги спасат од одговорност криминалците во редовите на опозициската партија. Времето на селективна правда одамна помина. Сега е време на одговорност за сите кои го прекршиле законот, вклучително и на оние од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и соработниците на Груевски. Нема поголемо лицемерие кон граѓаните од тоа за правда да зборува осудено лице. Затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се таму каде што се и затоа уште долго ќе останат таму“,
се наведува во реакцијата на СДСМ.
Говорник на вечерашниот опозициски протест беше новиот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски. Тој оцени дека оваа власт е диктаторска и дека не смее да се дозволи, како што нагласи, патриотите да гнијат по затворите, а криминалците од власта да бидат на слобода.