„ДПМНЕ точно знае дека за овој случај е одговорен човек кој излегол од нивните структури. „Пуцко петрол“ е компанија која израсна во времето на коалицијата ДПМНЕ-ДУИ и е главен бизнис-партнер на сите градоначалници на ДПМНЕ, ама и на институциите кои ги водат“, велат од опозициската партија
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако претходно од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ и ДУИ „обединети со нивните послушници во правосудството, ги штитат криминалците и мазут-мафијата којашто го труела народот за време на енергетска криза“

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку соопштение ги повикаа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да молчат и да не ги спомнуваат за што било поврзано со „Пуцко петрол“ и Ратко Капушевски.
Според СДСМ, изминатите девет месеци општини и институции раководени од ВМРО-ДПМНЕ со компанијата „Пуцко петрол“ склучиле 170 тендери.
„Бизнисот е изроден како резултат на коалицијата ДПМНЕ и ДУИ. Капушевски е долгогодишен поддржувач и ’дете на Груевски’. ДПМНЕ точно знае дека за овој случај е одговорен човек кој излегол од нивните структури. ’Пуцко петрол’ е компанија која израсна во времето на коалицијата ДПМНЕ-ДУИ и е главен бизнис-партнер на сите градоначалници на ДПМНЕ, ама и на институциите кои ги водат“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата велат дека очекуваат целосно расчистување на случајот, но бараат и одговор од ВМРО-ДПМНЕ „како тоа повторно кога е обвинет некој од ДУИ нема притвор, дали повторно има договор како што беше со Артан Груби, кој беше пуштен да избега“.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако претходно од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ и ДУИ „обединети со нивните послушници во правосудството, ги штитат криминалците и мазут-мафијата којашто го труела народот за време на енергетска криза“.
„Судиите и обвинителите избрани во Зајас и Струмица ги штитат криминалците од СДС и ДУИ и мазут-мафијата која сторила криминал тежок 167 милиони евра. Криминалците од СДС и ДУИ и нивните бизнис-фаворити како Јахоски поради лукративни причини, провизии и бизнис-зделки го труеле народот со канцероген мазут, поради екстра профит и направиле криминал тежок 167 милиони евра“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Случајот со набавка на канцероген мазут се актуализира во понеделникот кога во акција координирана од Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на повеќе локации се вршеа претреси во врска со кривични дела за сомнителни набавки на деривати.
Во акцијата беа приведени 11 лица, а од МВР рекоа дека едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно е во притвор.
Дел од приведените беа и Ратко Капушевски, генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенти и нафтени деривати, и Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“.
Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на Капушевски и на уште две други лица им определи 30-дневен притвор, а на Асмир Јахоски му определи куќен притвор.
За останатите седум осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на јавниот обвинител и донесе решение за определување мерки за претпазливост.
Вчера, пак, од ОЈО ГОКК рекоа дека јавниот обвинител барал на Јахоски да му биде определена мерка затворски притвор, но оти судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје одлучил да не го прифати предлогот на Обвинителството.
Во образложението на решението, како што додаваат од ОЈО ГОКК, е наведено дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на Обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека тој е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена, за што доставил документација.