Во партиското соопштение, напишано во форма на кулинарски рецепт, СДСМ на саркастичен начин реагира на, како што велат, континуираните напади што доаѓаат од кујната на ВМРО-ДПМНЕ, насочена кон ИПАРД-фондовите и поранешни и актуелни функционери
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска преку невообичаено соопштение одговори на обвинувањата од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за наводни злоупотреби со ИПАРД-програмата, односно дека компанијата „Тргопродукт“, препознатлива под брендот „Мамас“, а во сопственост на семејството на експремиерот Зоран Заев, во 2022 година добила грант вреден 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата, како награда за отпишување на жито во вредност од 800 000 евра.

Во партиското соопштение, напишано во форма на кулинарски рецепт, СДСМ на саркастичен начин реагира на, како што велат, континуираните напади што доаѓаат од кујната на ВМРО-ДПМНЕ, насочена кон ИПАРД-фондовите и поранешни и актуелни функционери.
Во рецептот на СДСМ, со наслов: „Гответе со Мицкоски, рецепт за лага од кујната на ВМРО-ДПМНЕ: Долго готвена ИПАРД каша“, се вели дека обвинувањата на владејачката партија се веќе видена стратегија, на долго „динстани лаги“, што се вадат од фрижидер кога се приближуваат избори и кога јавноста треба да биде „зашеметена“.
Како главни состојки на рецептот од кујната на ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, се потребни еден Зоран Заев, еден Венко Филипче, еден прстофат од поранешен министер на СДСМ и пар роднини на Заев, по можност браќа, братучеди или кој било.
На почетокот од рецептот, претставувајќи како се подготвува лагата, се вели дека еден Заев мора долго да се динста, бидејќи е жилав, иако веќе пет години е во политичка пензија.
„Сепак, го турна режимот, со години беше за продолжување на патот кон ЕУ и ја внесе Македонија во НАТО. Тоа бара повеќегодишно динстање со лаги. Еден Венко, пак, е дополнителен проблем. Тој е прилично нов и свеж, па мора да се измеша со нешто долго динстано. На пример, со Заев, кого претходно долго сте го маринирале. Ја добивте основата. Сега одат додатоците, а најдобро е неколкумина од семејството на Заев. Одлично се сложуваат со Зоран, а и нив претходно сте ги динстале, па низ цедалка сте ги пропуштале, сега како зеленчук усогласете ги со Венко“,
се вели во текстот на рецептот.
Потоа, како што смета СДСМ, пред крајот на готвењето, време е да се најде некој министер, за што е доволен еден прстофат, што би ѝ дало посебен шмек на кашата.
„Некој ќе рече не оди баш тоа, но вие само кажете: Прво пробајте, па потоа кажете“,
пишуваат од опозицијата.
Кога веќе состојките се готват, според рецептот, потребно е многу мешање, за да не изгори кашата, а најважно е да се готви на тивко додека не се приближат изборите, а потоа да се засили на максимум.
„Важно е да мешате многу и долго, додека на граѓаните не им се заврти во главата. Кога сивата маса ќе стане каша, немојте да престанете, продолжете повторно силно. Оваа постапка повторувајте ја, додека состојките не се стопат. Тогаш кашата е готова. Пријатно“,
велат од СДСМ за рецептот од кујната на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, оваа каша стана специјалитет во Македонија оти владејачката партија има многу доби готвачи, што учеа од експремиерот Никола Груевски, кого го нарекуваат „носител на пет ѕвезди за кражба“.
Тајната на рецептот, како што додаваат од опозицијата, е ИПАРД-фондот, пари што доаѓаат од буџетот на ЕУ, за инвестиции во земјоделски стопанства, како, на пример, купување трактори, механизација, изградба на објекти, подобрување на продуктивноста и усогласување со ЕУ-стандардите за животна средина, здравје и добросостојба на животните.
„Се добиваат како рефундација, откако ќе ги вложите своите пари и ќе докажете дека сè е направено според правилата на ЕУ. Правилата на ЕУ се ригорозни, па кога некој ќе ги злоупотреби, може и да одговара. На пример, директорот, Панкерот и кумовски врски на Мицкоски. Сега кога е криза, бидејќи ЕУ полека дознава за твоите мали тајни, тогаш апсиш некого покрај ‘кумот‘, за да не настрадаш ти“,
пишуваат од опозицијата.
Од СДСМ најавија дека наскоро ќе претстават нови рецепти од Белата палата, седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и нејзината кујна за лаги.
„Голем кулинарски поздрав со повикот: ВМРО-ДПМНЕ лаже“,
стои на крајот од соопштението на СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека компанијата „Тргопродукт“, препознатлива под брендот „Мамас“, а во сопственост на семејството на експремиерот Зоран Заев, во 2022 година добила грант вреден 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата.
Во тој момент, како што велат од партијата, добиениот грант бил втор најголем во историјата откако се работи со ИПАРД-програмата, со вредност од близу 87 милиони денари или 1,4 милиони евра.
Грантот, според владејачката партија, е добиен откако поранешниот премиер Зоран Заев му помогнал на ексминистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски со отпишување на жито за 800 000 евра. Веќе следната година, Николовски возвраќа со грант за „Мамас“ од 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа Јавното обвинителство да отвори постапка за овој случај и да го истражи.
