Тесна битка, како што рече шефот на Изборниот штаб на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, е во Валандово, Неготино, Македонска Каменица, Ранковце и Лозово, а во Дојран најверојатно ќе се оди во втор круг
Димитријевиќ рече дека се нотирани низа прекршувања на изборниот процес, за кои правниот тим на СДСМ веќе подготвува соодветни пријави и поднесоци
Генералниот секретар и шеф на Изборниот штаб на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, информира дека од досега пристигнатите резултати, Социјалдемократскиот сојуз води и очекува победа во седум општини, и тоа – Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново-Облешево, Кривогаштани, Богданци.

Тесна битка, како што рече Димитријевиќ, е во Валандово, Неготино, Македонска Каменица, Ранковце и Лозово.
„Водиме и во Дојран, но најверојатно ќе има втор круг“,
изјави шефот на Изборниот штаб на СДСМ.
Димитријевиќ посочи дека изборниот ден бил генерално мирен, но рече дека се нотирани низа прекршувања на изборниот процес – злоупотреба на избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни закани и уцени, кршење на изборниот молк преку агитирање, како и нерегуларности при самото гласање.
„Во Лозово е спречен обид за поткуп документиран од страна на МВР, а обиди за поткуп има и на други места, кои сега се документираат. Во Куманово и во Ѓорче Петров имало случаи на еден гласач да му дадат повеќе ливчиња. Во Ѓорче Петров пет ливчиња се дадени од претседателката на избирачко место на својот сопруг. Во Студеничани членовите на избирачко место истовремено биле и на советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ. Во Прилеп и Крива Паланка регистрирани се притисоци и закани кон активисти и кандидати на СДСМ. Во Неготино констатирано е дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ користи општински објект за потребите на кампањата. Во Богданци раководител на ОВР Гевгелија со возило на ЈП ‘Национални шуми’ агитирале за ДПМНЕ“,
посочи шефот на Изборниот штаб на СДСМ.
Во Зелениково и во Кратово, како што рече Димитријевиќ, роднини на кандидатите за градоначалници биле назначени во општинските изборни комисии. Во Охрид, Крива Паланка и во Прилеп партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ биле активни и агитирале за време на молкот. Во Градско имало закани од кандидатот Киро Нацков кон членовите на одборот. Во Јегуновце, пак, злоупотреба на лични податоци за гласање на болни и немоќни.
Димитријевиќ посочи дека ваквите настани бараат итна реакција од ДИК, Обвинителството и од МВР, и најави дека правниот тим на СДСМ веќе подготвува соодветни пријави и поднесоци до надлежните институции.