Кузеска упати прашање како ниту еден од актуелните началници и службеници на МВР во Кочани и во Штип, кои биле директно одговорни за безбедноста кобната ноќ не е осомничен, а спомена и конкретни имиња на лица кои не се опфатени со истрагата

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска обвинија дека истрагата за трагедијата во Кочани, во која загинаа 61 лице, а повредени беа речиси 200, се води селективно и во сосема погрешен правец.
Според СДСМ, ова не е случајно или поради незнаење, туку, како што велат, намерно, со цел да се заштитат актуелни функционери, службеници и началници што морале да постапат кобната ноќ, но тоа не го сториле.
„До овој момент се води истрага против дури 59 лица, од кои само двајца се актуелни функционери, а само еден е началник кој бил во оставка“,
рече партиската портпаролка Богданка Кузеска на денешната прес-конференција.
Таа укажа на тоа дека во истрагата не се вклучени службеници и функционери на актуелната владејачка партија, за која рече дека е девет месеци на централна власт и речиси четири години во локалната.
„Никој од нивните не е одговорен, а одговорни се сите службеници и функционери до 2022 година. Кај сите осомничени се водат постапки за периодот од 2012 до 2022 година. Но, што е со одговорноста на оние што на денот на пожарот – 16 март 2025 година биле на високи полициски функции, но и во други институции“,
додаде Кузеска.
Во изминатите 30 дена, рече таа, сите правници и експерти за безбедност потврдија дека актуелните раководства на полицијата, ДПИ и низа други институции имале директна одговорност за овој настан.
„Дури седум началници, командири и заменик-командири од полицијата, кои според законот вечерта биле должни да го превенираат пожарот и да го обезбедат настанот, не го сториле тоа. Прашуваме: како е можно, и по која правна логика, никој од нив не е одговорен за настан што се случил за време на нивната смена, а виновни се само претходните“,
рече таа.
Кузеска упати прашање како ниту еден од актуелните началници и службеници на МВР во Кочани и во Штип, кои биле директно одговорни за безбедноста во кобната ноќ не е осомничен, а спомена и конкретни имиња на лица кои не се опфатени со истрагата.
„Зошто, на пример, началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска-Маневска, не е меѓу опфатените со истрагата? Зошто началникот на крим-полицијата во Кочани, Томо Донев, не е меѓу приведените? Како е можно ниту началникот на СВР Штип, ниту началникот на крим-полицијата во Штип, исто така да не се опфатени со истрагата? Законските надлежности на полицијата во Кочани и Штип се директно поврзани со безбедносните пропусти таа вечер и непосредно пред трагичниот настан“,
рече Кузеска додавајќи дека доколку постапеле, дискотеката ќе била затворена навреме, пред да се случи трагедијата.
Портпаролката на СДСМ праша и дали овие луѓе се под политичка заштита на Панче Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата животот го загубија 61 лице, а близу 200 беа повредени.
Од Јавното обвинителство вчера информираа дека иако увидот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани е формално завршен, и натаму трае процесот на прибирање докази. Вештите лица кои вршат испитувања и анализи за потребите на постапката, по наредба на јавен обвинител преземаат дополнителни дејствија на местото на несреќата со цел темелна проверка и согледување на сите околности при пожарот.
Основниот кривичен суд Скопје вчера им определи мерки на претпазливост на шестемина полициски службеници за кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) претходно ја побара оваа мерка во рамки на проширената истрага за пожарот во Кочани.