Еден месец по средбата Заев-Мицкоски на која беше договорено пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да се откажат од блокади на важни закони за граѓаните, вклучително и законот за нов Клинички центар, тие сѐ уште блокираат, обвинува СДСМ. Од владејачката партија велат дека опозицијата работи директно на штета на граѓаните и државата, бидејќи со блокадата на овој закон попречуваат македонското здравство по 80 години да добие нов и модерен Клинички центар.
„ВМРО-ДПМНЕ 11 години ги лажеше граѓаните дека ќе изгради нов Клинички центар, а од него останаа само лимени тараби во комплексот клиники. Компанијата со која ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор за изградба на нов Клинички отиде во стечај по само неколку месеци“,
се наведува во соопштението од СДСМ.
Од СДСМ додаваат дека во изградбата ќе бидат инволвирани реномирани европски компании, а законот за изградба предвидува независен финансиски ревизор со кој ќе се дозволи компаниите „Вамед“ и „Буиг констракшн“ да дадат една понуда за изградба на Клинички.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека се противат на изградба на Клинички центар кој се темели единствено на физибилити-студија од 35 страници, во која нема јасно детектирани проекти. Обвинуваат дека со вака предложен закон власта прави кражба од над половина милијарда евра.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на последната средба со Зоран Заев даде конструктивно предлог-решение кое ќе значи комплетно реновирање на Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, кое би чинело околу 100 милиони евра, како и изградба на ургентен клинички центар кој би бил наспроти приватната болница ‘Жан Митрев’ и со кој би се поврзале Поликлиниката ‘Букурешт’ и ГОБ ‘8 Септември’ и исто така изградба на уште три универзитетски клинички болници во Тетово, Штип и Битола, кои би чинеле по десетина милиони евра“,
стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
