Не само измените во Деловникот, ВМРО-ДПМНЕ ги блокира и измените во Законот за здравствена заштита, обвинуваат од редовите на социјалдемократите.
Покрај блокадата со 3 000 амандмани на предлогот позитивните и изолираните пратеници да работат онлајн, најголемата владејачка партија вели дека опозицијата истото го прави и со други закони.
„Не се само голем број на амандмани поднесени за промена на Деловникот за работа на Собранието, напротив, поднесени се и над 500 амандмани за измените за Законот за здравствена заштита“,
изјави денеска пратеникот Мартин Костовски од СДСМ.
Овој обид за блокада на Собранието, рече претходно тој, е само продолжение на опструкциите што ВМРО-ДПМНЕ со месеци ги прави врз здравствениот систем и борбата против коронавирусот.
Во материјалите што може да се пронајдат на собраниската веб-страница, предлог-измените на Законот за здравствена заштита предвидуваат лекарите кои ја исполниле старосната граница за пензионирање да можат да го продолжуваат работниот век до 67 години со тоа што директорот на здравствената установа ќе треба секоја година да одлучува за продолжување на договорот за вработување.