Димитриевски посочи дека покрај катастрофалниот откуп, субвенциите за пиперката од минатата година сè уште не се исплатени
Со реакција на обвинувањата од СДСМ, излезе министерот за земојделство Цветан Трипуновски кој тврди дека откупот на пиперката ајварка се одвива непречено и дека земјоделството останува врвен приоритет

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја обвини владата за дебакл во откупот на индустриската пиперка ајварка, нагласувајќи дека откупот е целосно застанат, а половина од реколтата стои на нивите и скапува.
Александар Димитриевски од Комисијата за земјоделство во СДСМ истакна дека ВМРО-ДПМНЕ претходно ветувала договорена откупна цена од 45 денари за килограм, додека реалната цена сега е 20 денари за килограм.
Димитриевски посочи дека покрај катастрофалниот откуп, субвенциите за пиперката од минатата година сè уште не се исплатени.
СДСМ ја повика актуелната власт веднаш да преземе мерки, критикувајќи ја владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е една од најтешките години во земјоделството, а ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту министерот Трипуновски имаат капацитет да се справат. Токму најзастапените извозно ориентирани земјоделски култури се откупуваа и се откупуваат по далеку пониски цени од мината година“,
рече Димитриевски.

Тој го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, наместо, како што рече, да тера лажна кампања во земјоделството, да ги повика производителите на индустриската пиперката заедно со преработувачите да седнат и да договорат динамика на откуп и дополнителна финансиска поддршка за произведена и предадена ајварка во индустриските капацитети.
СДСМ предупреди дека поради лошата организација и финансиската поддршка кон извозно ориентираните култури, наредната година ќе биде со рекордно најниско земјоделско производство.
Со реакција на обвинувањата од СДСМ, излезе министерот за земојделство Цветан Трипуновски кој тврди дека откупот на пиперката ајварка се одвива непречено и дека земјоделството останува врвен приоритет.
Трипуновски информираше дека во Струмица остварил средба со откупувачи и преработувачи на пиперка каде што се постигнати клучни договори.
„На средбата договоривме откупот на пиперката да се одвива со одбитоци не поголеми од три отсто, а откупната цена да не биде пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус. Исто така, договорена е и динамиката на откупот, при што целата пиперка ќе биде откупена“,
напиша Трипуновски на својот фејсбук-профил.
Тој најави и дека на секој откупен пункт ќе има инспектор кој ќе го следи откупот и нема да дозволи манипулации во самиот процес.
Трипуновски вели и дека денеска, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, извршиле увид во откупните центри во Кривогаштани и Могила со цел да се заштитат интересите на земјоделците и да се обезбедат фер услови.